Зоран Заев денеска се обрати на Форумот на граѓанското општество на Западен Балкан кој се организира во нашата земја во пресрет на Самитот на ЕУ за Западен Балкан кој ќе се одржи на 6 октомври во Словенија.
„Ви посакувам срдечно добредојде во Република Северна Македонија. Се надевам дека ќе имате успешна работа и заклучоци од овој осми Форум на граѓанското општество на Западен Балкан. Организиран на секои две години од 2006 година, Форумот за граѓанско општество дава можност за размена на гледишта за моменталната состојба на граѓанското општество во регионот, за неговите потреби и за неговиот иден развој. За нас, политичарите, ова е одлична платформа, расадник на идеи за подобрување на политиките кои ги кроиме. Првата тема во концепт документот за овој Форум на граѓанското општество – Зајакнување на пристапниот процес – Кредибилна перспектива на ЕУ за Западен Балкан – е вистинска тема во вистинско време.
Темата е вистинска, и од исклучителна важност за Западен Балкан и за Европската Унија заради наметнатата блокада за проширување која го доведува во прашање стратешкиот интерес на Брисел за проширување на унијата со земји од регион со круцијална стратегиска важност за Европа. Темата доаѓа во вистинско време затоа што сум уверен дека пораките од овој Форум, исто како и пораките од посетите на претседателката фон дер Лајен и еврокомесарот Вархеји, ќе стигнат до Брдо кај Крањ во Словенија кога на 6 октомври ќе се одржи Самитот на ЕУ за Западен Балкан.
Очекуваме дека тие ваши пораки ќе ги реафирмираат одлуките на Европската Комисија од март во 2020 година во врска со проширувањето на ЕУ на Западен Балкан. Тогаш Европската Комисија му препорачаа на Европскиот Совет Северна Македонија и Албанија да ги започнат преговорите за членство.
Сите земји членки на ЕУ ја прифатија оваа одлука и се согласија дека интегрирањето на партнерите од Западен Балкан во ЕУ претставува геостратешка инвестиција во мирот, стабилноста, безбедноста и економскиот раст на целиот континент и дека Западен Балкан е составен дел на Европа и геостратешки приоритет за ЕУ. За жал, Бугарија ја блокираше оваа одлука и таа блокада е сѐ уште активна.
Искрено се надевам дека вашите пораки од овој форум ќе бидат дел од новиот импетус кој е толку неопходен во овој момент и дека на 6 октомври во Словенија ќе бидат направени потребните чекори за деблокирање на проширувањето на ЕУ. Нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнување на европските стандарди, а ние, во духот на европските добрососедски односи, ќе ги интензивираме разговорите со Бугарија со искрена волја да правиме чекори поблиску до решение за нашите билатерални прашања.
За да се обнови довербата во проширувањето и за да се зајакнат механизмите на ЕУ за ефикасно спроведување на процесот за интеграција и за членство на своите природни сојузници од Западен Балкан, Брисел треба без резерви да го обезбеди пристапот на политичките лидери и на претставниците на граѓанските организации од овој регион да учествуваат во активностите во рамките на Конференцијата за иднината на Европа, бидејќи Западен Балкан е нераскинлив дел од Европската Унија.
Ова е особено и суштински важно бидејќи ако остане овој статус кво, без изгледни шанси за напредок, разочарувањето од блокадата на проширувањето ќе се прошири како канцер и врз другите процеси за европеизација на земјите од Западен Балкан.
Во таа насока, многу е важно да продолжат сите предвидени национални политики за Зелената агенда за Западен Балкан, како дел од Европскиот зелен договор, со поддршката од Економскиот и инвестициониот план за Западен Балкан на Европската Унија.
Нема никакво сомневање, и во нашите политики е апсолутно прифатено дека во справувањето со заедничките предизвици и проблеми кои не се само политички, туку и економски и социјални, социјалните партнери и граѓанските организации имаат клучна и суштинска улога со нивното активно вклучување во Зелената агенда за Западен Балкан.
Овој форум и натамошното вмрежување на граѓанските организации може да го даде дополнителниот придонес во градењето на капацитетите на граѓанските организации, а регионалната соработка, како и размената на експертиза, се во врвот на нашите владини политики за поддршка.
Владата успеа преку концептот на транспарентност, отвореност и отчетност да ги доближи институциите до граѓаните. Преку граѓанските организации, преку синдикатите и другите граѓански здруженија, тие се вклучени во процесите за креирање на сите владини политики.
Тоа е нашиот начин на креирање политики, закони, стратегии кои одговараат на интересите и потребите на сите граѓани и да бидат соодветен одговор на предизвиците кои доаѓаат пред сѐ од последиците од климатските промени. Со граѓанското општество и бизнис секторот сме рамноправни партнери во овој процес. Покажавме посветеност за унапредување на сите столбови и процеси кои се дел од овие наши заложби. Ќе издвојам само неколку примери кои се во линија со другите теми на овој Форум.
Кога започна КОВИД-19 пандемијата, веднаш го активиравме социјалниот дијалог уште во раните фази и заедно со социјалните партнери креиравме мерки за ублажување на последиците по здравјето на граѓаните и за зачувување на работните места.
Во делот на праведната транзиција од фосилни кон обновливи извори на енергија земјата е лидер во регионот и на местата на постоечките електрани на јаглен никнуваат новите соларни фотонапонски електрани, а низ земјата сѐ повеќе се градат и ветерни електрани.
Дополнителната вредност на оваа праведна транзиција е и грижата за работниците во енергетските капацитети на фосилни горива. Никој нема да биде запоставен или да остане без работно место. Нашата политика во финансиската поддршката на инвестициите во електрани со обновливи извори е – За секој мегават, едно работно место.
За нас социјалната правда не е еден чин, туку постојана борба за унапредувањето на нашето еднакво општество за сите. Таа борба не мотивира да сме истрајни и да се вложуваме уште повеќе. Уште повеќе родова еднаквост. Уште повеќе за економска еднаквост. Уште повеќе за социјална еднаквост.
Дел од нашата зелена агенда е грижата за природните богатства. Ја прогласивме за Национален парк нашата убавина на природата Шар Планина, планина со најголем број врвови повисоки од 2000 метри.
Со прогласувањето на дел од Шар Планина за заштитено подрачје, односно за национален парк, нашата држава го добива четвртиот национален парк и прв од прогласувањето на независноста, и прв нов национален парк после 60 години.
Со Националниот парк Шар Планина, и со Осоговските планини и планината Водно како заштитени подрачја, вкупната површина на заштитени планини на национално ниво сега изнесува 13,2% од севкупната територија на Северна Македонија.
Набројав неколку, од многуте проекти, програми и политики кои кај нас ги вградивме во агендите наречени Акција 21 и Европа дома, кои се практично нашето европеизирање на нашата земја.
Со ова го завршувам моето обраќање на отворањето на Форумот на граѓанските организации за Западен Балкан и однапред се радувам на пораките кои за нас се насоки за унапредување на нашите политики за европеизација на нашето општество“, истакна премиерот Заев.