Во Клиничкиот центар во Скопје почнува шеста трансплантација на срце од починат донор, објави министерот за здравство Венко Филипче.
Донор ќе биде млада пациентка на која вчера ѝ била дијагностицирана мозочна смрт.
„По долги разговори со членовите на семејството, одлучија да ги донираат органите. Благодарение на нивната хуманост, денес еден пациент ќе добие срце и шанса за нов живот. Уште една млада пациентка се подготвува да прими бубрег. Станува збор за исклучително тешки операции, на моите колеги им посакувам многу успех во работата“, вели Филипче.
Дополнително од донорот ќе бидат експлантирани и коскени ткива.