„СДСМ во целост се оградува од какви било нерегуларности или конструкции за нерегуларности за овие избори. СДСМ води искрена, приземјена, отворена и јавна комуникација со граѓаните и ги отфрла сите обиди со кои наводни вибер групи би требало да докажат дека СДСМ се занимавал со следење луѓе на денот на избори“, се наведува во соопштението од СДСМ, кое доаѓа како ракција после обвинувањата на Ковачки од ВМО-ДПМНЕ за наводно „координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе”.
Нагласуваат дека тоа време заврши пред четири години, тоа е времето на МВРО-ВМРО од кое граѓаните денес се заштитени и преку институциите и преку севкупниот демократски амбиент.
„Граѓаните од 2016 година наваму гласаат слободно, а сите четири изборни циклуси од тогаш наваму, како и референдумот, се потврдени како целосно слободни, фер и демократски.
Во пресрет на вториот круг се засилува Центарот за манипулации на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните на 31 октомври масовно ќе излезат на гласање и со демократски методи ќе спречат враќање на режимот и злоупотреба на институциите во партиски цели.
Сепак, за и овој куп лаги на ДПМНЕ да распука како меур од сапуница, бараме од институциите итна постапка и расчистување на овој случај. Јавноста треба да знае дали било која институција креирала таква група и дали наводните дејствија презентирани на прес-конференција било кога реално се случиле.“, стои во соопштението од СДСМ.
Претходно и МВР категорично ги отфрли како невистинити обвинувањата од Ковачки и ВМРО-ДПМНЕ. Од МВР во реакцијата посочуваат дека во јавноста не е изнесен ниту еден доказ ниту дека тоа се договарало, ниту дека МВР на било кој начин е дел од таква наводна операција, ниту пак дека тоа реално се случувало.
-Ја информираме јавноста дека МВР нема креирано таква вибер група и дека активностите на МВР и во Прилеп и во било кој друг град не се координираат преку вибер групи. Во исто време, после направена проверка на статистиката за возила испратени на технички преглед, информираме дека тој ден во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле. МВР веднаш започнува внатрешна истрага за утврдување на фактите, имајќи предвид дека вибер групи или графички прикази од вибер групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого, и имајќи предвид дека до МВР не е пристигната ниту една пријава од граѓанин за дејствија во Прилеп на денот на изборите какви што беа презентирани на прес – конференцијата, стои во реакцијата од МВР.