Граѓаните можат да направат вистинска оценка и паралела. Ние сме доминантно насочени кон проекти, визија, кандидати. Нашата порака е за обединување кон прогрес, истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев во интервјуто на Клан телевизија. Тој рече дека локалните самоуправи можат да се пофалат со нови мостови и булевари, а во кампањата се застапени и ветувањата за новите проекти за Скопје, Тетово, Битола, Кочани…
-Ќе ги натераме граѓаните да гласаат токму со ваквата позитивна кампања. Негативната кампања ги одвраќа луѓето и ги остава дома. Многу жалам што после првиот круг се појави многу омраза, закани од страна на ВМРО-ДПМНЕ, претење за губење на работни места и чистки по институциите. Од тоа ќе го видат резултатот во вториот круг, иако тоа го прават доминантно во општините каде победија во првиот круг, рече Заев.
Според него, општините мора да бидат прогресивни и да одат напред за и државата да биде прогресивна и да оди напред.
Д. Е.