Од утровo РЕК Битола не произведува струја, двата блока се во прекин, објави Телма.
Пред два дена во РЕК Битола избувна пожар кој направи сериозни оштетувања на трансформаторот на Блок 3. Како што информираа од АД ЕСМ во саботата, пожарот започнал на еден од изолаторите на надворешниот трансформатор на Блок 3 и со брза интервенција на противпожарните служби огнот бил изгаснат.
– Не се дозволија дополнителни хавариски оштетувања. Локацијата е обезбедена и екипи на АД ЕСМ и на надлежните служби ќе ги истражуваат причините за настанот. АД ЕСМ најостро ги демантира сите шпекулации за наводно нестручно и несовесно работење и оперирање, со оглед на тоа што се работи за процес на производство со опрема стара над 40 години. За компанијата е најважно што нема повредени лица во при настанувањето на пожарот и неговото санирање, се вели во нивното соопштение.
Утре комисијата предводена од министерот за економија Крешник Бектеши ќе бара Владата да прогласи кризна состојба поради енергетската криза. Тој тврди дека рестрикции не се потребни.
Власите најавуваат дека од декември треба да стартува и ТЕЦ Осломеј, а сценарио се прави и за ТЕЦ Неготино. А од пред извесен период во функција е ставена и хидроелетраната Маврово, како и хидроелектраните Црн Дрим, Треска и Тиквеш, гасната елекрана Енергетика-Скопје и ветерниот парк Богданци.