На состанокот се потврдени добрите односи помеѓу двете земји во областа на образованието, економијата, културата, одбраната, науката и е констатирано нивно унапредување, со најавеното потпишување на Анти-дрога меморандумот за разбирање, што ќе придонесе во зајакнувањето на заедничката борба против криминалот и корупцијата.
Поздравени се направените реформи во оваа област во нашата држава, со коишто се смета дека се зголемени капацитетите на органите за справување со криминал и корупција.
Оценето е дека ги има предусловите да се продолжи на патот кон ЕУ, како и дека е ова стратешки значајно од безбедносен и економски аспект.
Во таа насока, пренесена е силна поддршка од Италија за почеток на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија и уверување дека Италијанската Република ќе продолжи со заложбите за успех на овој процес, којшто се цени дека е важно да биде започнат, како за земјава, така и за државите членки на ЕУ.
Премиерот Заев се заблагодари за големото пријателство помеѓу двете држави.
„Италијанската Република е стратешки сојузник и партнер во евро-атлантските процеси на нашата земја, но и голем пријател, што се покажува преку споделената солидарност секогаш кога е тоа потребно, каков што е примерот со вакцините за време на пандемијата.
Преку потпишувањето на Анти-дрога меморандумот ќе ја унапредиме заедничката борба против криминалот и корупцијата кон што сме силно определени. А со унапредувањето на институционалната соработка меѓу државите, отвораме пат и за унапредување на добрата економска соработка, што е од значење за граѓаните и за бизнисите“, рече премиерот Заев.
На средбата беа споделени искуства околу подигнувањето на јавната свест за значењето на вакцинацијата, како и околу почитувањето на мерките за заштита во услови на пандемијата.