Меѓународните експерти што ќе бидат побарани од Европската комисија за истрага на судски случаи, што било едно од барањата на Алтернатива за да влезе во Владата, нема да ги поништуваат донесените пресуди, туку ќе дадат свои мислења кај нашите институции, рече Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања.
Лидерот на партијата Африм Гаши побарал Владата да испрати писмено барање до Европската комисија преку Делегацијата на ЕУ да испратат експерти коишто ќе направат мониторинг на случаите за кои, според Алтернатива, има сомнежи во судските одлуки и за политички влијанија, како што се Монструм, Алфа, Диво насеље, Алмир Алиу…
Заев рече дека ова е договорено зашто довербата во правосудниот систем е, како што рече, „поодамна разнишана”. Но тоа не значи, рече, дека некој ќе може да ги поништи судските процеси или да направи нешто спротивно на нашите закони.
Како во случајот со пожарот во болницата Тетово, кога дојдоа германски експерти, тие ќе треба да направат свои извештаи и да ги достават до нашите институции.
-Меѓународните експерти ќе навлезат во случајот и ќе дадат свој коментар, секако доколку тоа го прифатат. Тоа се однесува на барањата на Алтернатива, но и за неколку други случаи – за новинарот Никола Младенов и други за кои се уште нема предмети. Експертите не можат да носат пресуди, не можат да судат. Доколку прифатат, а ние ќе направиме се да прифати Европската комисија и делегацијата да испратат експерти, тие ќе дадат свои анализи и коментари пред институциите на нашиот систем, додаде Заев.