СДСМ ќе ја води претседателот на партијата, којшто е избран од членовите на партијата и тој ќе биде одговорен за политиките што ги ветил во својата програма и ќе биде одговорен за изборните резултати, нагласи кандидатот за претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски во гостувањето на ТВ24.
-Доколку ги спроведеме реформите, имаме заедништво, тогаш на изборите во 2024 година, и парламентарните и претседателските, СДСМ и коалициските партнери ќе извојуваат победа, вели Ковачевски.
Тој повтори дека СДСМ не е влезен во „губитничка приказна“.
-Имавме резултат кој не беше во согласност со очекувањата. Треба да ги вратиме пасивизираните членови и да го унаредиме дијалогот во партијата. Да привлечеме луѓе и да покажеме ефикасност во исполнувањето на ветувањата. Партијата е отворена за сите кои ја делат идеолошката определба на СДСМ и сите мислења треба да се чујат. Треба и да се намалат разликите на база на вредности и принципи, заклучи Ковачевски.
Предизвикот постои и пред нас е период на консолидација, рече кандидатот за претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски во гостувањето на ТВ24. Тој кажа дека токму од таа причина во мотото од својата програма ги нотирал зборовите: Заедно, одговорно и посветено.
-Мораме да ги консолидираме нашите редови внатре, секој член да биде слушнат и неговото мислење да биде земено како валидно и потоа да види дали неговото мислење се практикува. СДСМ е голема партија и оние кои биле дел од партијата презеле државни функции и тука дополнително се ослабнува партијата. Треба да се активираат членовите во партијата и сите оние кои во изминатиот период се пасивизирале преку месните организации и општинските раководства. Треба да се привлечат и нови лица кои ќе ги адресираат предизвиците со кои се соочува општеството, вели Ковачевски.
Според него СДСМ го има најдобриот кадровски потенцијал во државата и има најголем демократски капацитет.
-Ние бираме претседател на непосредни избори и секој член што ги исполнува условите може да се кандидира. Постојното раководство е избрано пред само седум месеци, имаше освежување со голем број правници и истакнати економисти и други општественици, но има затвореност на ниво на општински раководства и тоа треба да го отстраниме, потребни се нови идеи. Организациските единици ако се затворат се отвора опасност од клиентелизам и запазување лични интереси. Алудирам на три столба, унапредување на социјалдемократските вредности, економски раст и справување со горливите проблеми, и трето, давање фер шанса на квалитетни луѓе во сите нивоа на институциите во државата, истакна Ковачевски.