Северна Македонија и регионот се дел од Европа и иако сé уште не сме дел од ЕУ, борбата за обединета, прогресивна Европа е наша заедничка борба, при што во Германија гледаме еден столб на Европа, како сила што влече кон добро и како на исклучително важен партнер – и политички и економски, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на средба со новата германска државна министерка за Европа, Ана Лирман.
Вицепремиерот Димитров, кој беше прв странски гостин на Лирман од нејзиното стапување на должноста, на средбата детално ги претстави достигнувањата и предизвиците на Северна Македонија на патот кон Европската Унија, како и приказна на доследност и надеж за европската перспектива на регионот.
– Македонското општество е подготвено за реформскиот процес за да ја доведеме дома истата Европа којашто вие ја живеете, тоа е задача на нашата генерација. Почетокот на пристапните преговори ќе ја насочи енергијата кон иднината и ќе нé направи победници во справувањето со современите предизвици како што се климатските промени и надминувањето на економскиот јаз преку продлабочена соработка, наместо кон минатото кое влече назад и во кое сите сме губитници. Нашиот случај е критично важен за позицијата на ЕУ во регионот во услови кога европскиот сон е разнишан, и многу важно за исполнување на целите на новата германска влада, меѓу кои е и Западниот Балкан, нагласи Димитров.
Лирман посочи дека Северна Македонија ги исполни сите услови за почеток на пристапните преговори, поради што нејзиното дејствување ќе биде решително насочено кон остварување на оваа заедничка стратешка цел.
Како што соопшти Секретаријатот на европски прашања, средбата се одржа на вториот ден од стапувањето на должност на новата германска Влада предводена од канцеларот Олаф Шолц, како „знак на континуитет на германските позиции во нивното делување за Европа базирана на вредности и принципи и фокусот на македонското европско досие како клучен приоритет“.
Со средбата со Лирман, вицепремиерот Димитров ја заокружи работна посета на Берлин, која, како што се посочува во соопштението, се одржа во деновите на клучни случувања за иднината на Германија и Европа.
извор: МИА