Потполковникот Ѓорѓи Василевски ќе биде штабен офицер за поддршка на операциите, хибридно војување и контратероризам, во одделот за планирање на операции во меѓународниот воен штаб во НАТО во Брисел, потполковникот Горан Стојановски – штабен офицер за стратегиски планови, образование и доктрини во Врховната команда на сојузничките сили (SHAPE), Монс, потполковник Никола Христовски, штабен офицер во одбранбеното планирање во Сојузната команда за трансформации/штабен елемент во Европа, Монс, а мајор Мијалче Митрев, штабен офицер за генерирање на сили во SHAPE.
Овие офицери низ конкурс и процедура беа избрани за пополнување на овие четири места во командните структури на Алијансата кои и припаѓаат на Северна Македонија како полноправна членка на НАТО.
Упатувајќи им честитки министерката Радмила Шекеринска денеска посочи дека станува збор за високи професионалци со над 20 годишно искуство во Армијата и школувања во одлични школи во САД, Канада, Италија и Естонија, и кои имале прилика да работат на различни нивоа и во различни делови од Армијата.
„Во изминативе четири години и во пресрет на членството во НАТО многу се посветивме на изградбата на кадар. Фокусот го ставивме на школувања, специјализирани обуки, како и на изучување пред се на англискиот јазик и интензивно тестирање за да бидеме сигурни во знаењето на нашите офицери и нивото на подготвеност целосно да комуницираат во меѓународна средина. И токму поради таа инвестиција, можеме да одговориме на високите побарувања од Алијансата”, истакна министерката.
Шекеринска додаде дека процесот на пополнување ќе продолжи и понатаму: веќе се во тек нови конкурси за седум позиции и се планира до 2023 година да бидат пополнети сите 20 позиции во командните структури на НАТО. На тој начин, рече министерката, целосно ќе го ставиме нашиот печат во Алијансата како 30-та полноправна членка.
Потполковникот Горан Стојановски, кој ќе замине на позиција штабен офицер за стратегиски планови, образование и доктрини во Врховната команда на сојузничките сили во Монс во Белгија, во име на сите избрани офицери порача дека овој избор за нив претставува голема чест, но и одговорност и дека ќе дадат сè од себе за да ја оправдаат дадената доверба и достоинствено да го претстават ликот на офицерот и старешината во Армијата и на државата.
„Ќе имаме можност да ги покажеме и нашите квалитети и капацитети, да се стекнеме со нови знаења и искуства, и најбитно е тие знаења и искуства кога ќе се вратиме назад во Македонија да ги пренесеме на останатите колеги и на тој начин да придонесеме за подобар квалитет во Армијата”, рече потполковникот Стојановски.