Со посебно задоволство одговорив на поканата на амбасадорот на Италијанската Република, Андреа Силвестри, да присуствувам на свеченоста по повод завршувањето на мандатот во нашата држава на полициското аташе Диего Морели, објави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот фејсбук профил.
– Со посебен пиетет кон работата и врвниот професионализам на мајор Морели, можам со задоволство да кажам дека за време на неговиот мандат како полициско аташе во Амбасадата на Италијанската Република во Скопје, остваривме навистина плодна соработка, како на ниво на МВР, така и со колегите од останатите безбедносни институции во Северна Македонија. Откако ги препозна стратешките приоритети за реформа во полицискиот сектор кај нас, енергијата на Морели ни беше ветер во едра при поддршката од Амбасадата на Италијанската Република за нивното реализирање, а неговата експертиза во борбата против наркотиците, имиграцијата, перењето пари и кражбите, како и учеството во бројни меѓународни истраги беше добредојдена при успешната реализација на активностите за намалување на криминалитетот кај нас, напиша Спасовски.
Изрази посебна благодарност до Морели за организацијата и реализацијата на неколкуте обуки, работилници и студиски посети на наши полициски службеници на најразлични безбедносни теми, како и за поддршката во спроведувањето на ИПА проектот кој се реализира во три фази, во корист на полициските служби и обвинителите од Северна Македонија, како и проектот за зајакнување на капацитетите за координација и превенција од насилниот екстремизам и тероризам.
Спасовски напиша дека соработката со Морели било вистинско задоволство и му посака уште многу професионални и лични успеси.
Плакетата што му ја врачив, пишува Спасовски, нека биде драг спомен од неговиот мандат во нашата земја и сведоштво за успешните заеднички проекти.