Националниот совет за евроинтеграции денеска во Собранието на Република Северна Македонија ќе одржи седница за заклучоците на Советот за општи работи на Европската унија, за проширувањето и Процесот на стабилизација и асоцијација.
Земјите-членки на ЕУ на заседанието на Советот за општи работи (ГАК) на 14-ти овој месец, не постигнаа договор за одржување на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија до крајот на оваа година и покрај јавно изнесените надежи на словенечкото претседателство за старт на преговорите со двете земји годинава. Во заклучоците од состанокот изостана временската одредница „до крајот на годината“ како рок за одржување на првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана.
Како што јави тогаш дописничката на МИА од Брисел, Европската комисија и Советот на ЕУ изразија задоволство од компромисот постигнат во делот на проширувањето, кој потпретседателката на Еврокомисија, Вера Јоурова го оцени како „ремек дело на способноста на ЕУ да изгради компромис“.
Државниот секретар за европски прашања на Словенија, Гашпер Довжан изјави дека состанокот на ГАК бил успешен и е „пример за духот на компромис и лојална соработка на земјите членки“ на ЕУ.
– Она што начелно предвидовме да го постигнеме не беше изводливо оваа година и ова е фактичката причина зашто „оваа година“ не се појавува повеќе во заклучоците, изјави Довжан по завршувањето на седницата на ГАК. /MИА/.