Катерина Гогова
Светот прави чистка на полиците од своите славни библиотеки,
нема повеќе слободна литература.
Стандардите на однесување се наредени по азбучен ред.
Една жена мора да ги влечка предизвиците и да ги испише
со краснопис на семејниот готвач,
ќе се справува со нив засекогаш.
Точно така.
Прибирам по малку храброст зошто имам само два икс хромозоми.
Пред да ги означам страниците со фусноти
кои ќе го дадат објаснувањето кое и онака ме засега само мене,
одоговарам на прашања.
Сите одговори се неточни.
Ги лицитирам желбите, по потреба не посакувам,
по потреба распродавам критички ставови.
Еднаш ја сечам косата и ноктите ги средувам
како да сум тазе леш кој чека на оплакување.
Тогаш сум налудничава и мрачна, безмилосна кон себе и своето.
Другпат ги затворам грчевито јајцеводите,
ја ветреам перницата од соништа
и продолжувам да бројам уште колку јајце клетки имам за неоплодување.
Сега сум фригидна, себична кучка која би ја продала и сопствената мајка.
Од отаде разумот и јасната мисла,
ми принесуваат отсечоци од на прабаба ми гордоста
и болката дури ја ситнела својата судбина.
Дури го тегнела товарот на своите женски раменици,
со надеж дека нејзините синови ќе изродат само ќерки.
Катерина Гогова (1989) е македонска поетеса и граѓански активист од Дојран. Дел е од тимот на ХОПС – Опции за здрав живот и од иницијативата “Ретвитни оброк”.
избор: Тања Кармзова Костиглиола