Изминатата 2021 година е неискористена можност за Унијата да го поправи својот кредибилитет во регионот и особено во Северна Македонија, и консеквентно на тоа, година на слабеење на привлечноста на Европската Унија за младите генерации. Сепак, новата Влада во Бугарија има историска можност да подаде рака да изградиме мост на доверба и пријателство. Немаме право да се откажеме од зацртаните стратешки цели, пролонгирање на датумот за почнување на преговорите не е нешто ново и непознато и не може да нѐ обесхрабри и демотивира, а што се однесува до реформите, треба да ги сфатиме како наша потреба, а не задача на која се работи заради некој друг.
Наместо краткорочен поглед кон првата меѓувладина конференција и нудење концесии на штета на нашите национални интереси, треба да изградиме стратегија и тактика која ќе ги зацврстува нашите позиции и односи со институциите на ЕУ (вклучувајќи ги државите членки), ќе создава домашен импулс за одржливи реформи и нема да биде предмет на меѓупартиски натпревар. Доколку нема позначителни промени на државата во пристапот кон интеграцијата во ЕУ, ризикуваме не само да останеме на „статус кво“, туку и да се влоши нашата позиција во пристапниот процес.
Ова го велат аналитичари со кои разговараше МИА, давајќи осврт на европската интеграција изминатата година, очекувањата за 2022 година, што понатаму доколку се пролонгира решавањето на прашањето со Бугарија и дали е доволно само да се работи на реформите дома без јасна европска перспектива.
Драган Тилев, државен советник за европски прашања во СЕП, смета дека низата геополитички предизвици, покрај пандемијата, со кои Унијата се соочуваше во текот на 2021 година, се чини го зедоа својот данок и во напредокот во процесот на проширување.
-Во овој дел кој директно не засега, и покрај обидите од страна на претседателката на ЕК Фон дер Лајен (прва посета на регионот) и на Високиот комесар за надворешна политика Борел да ја држи темата за проширување на листата на приоритети, и покрај усвојувањето на Регулативата за ИПА 3 како финансиска подлога за клучните реформи и за реализација на Економскиот и инвестициски план за Западниот Балкан, вклучително и Зелената агенда, и покрај обидите на Португалското и Словенечкото претседателство и Самитот и Декларацијата од Брдо, сепак годината не може да ја оцениме како успешна, бидејќи не е постигната основната цел, а тоа е почеток на пристапните преговори со Северна Македонија (и Албанија), како потврда дека новата методологија за зајакнати пристапни преговори е функционална и полезна. Во декември, Советот на ЕУ постигна едногласност за усвојување на заклучоците за пакетот за проширување, но, за жал, остана разединет околу текстот на Преговарачката рамка за Северна Македонија, вели Тилев.
Тој сепак вели дека изминатите две и пол децении работејќи на процесот на евроинтеграција, се смета себеси за непоправил еврофил и останува оптимист и понатаму дека можеме да ја постигнеме нашата цел, а тоа е полноправно членство во Европската Унија.
-Но, лично сметам дека изминатата 2021 година е неискористена можност за Унијата да го поправи својот кредибилитет во регионот и особено во Северна Македонија, и консеквентно на тоа, година на слабеење на привлечноста на Европската Унија за младите генерации, смета тој.
Во однос на тоа дали има опасност прашањето со Бугарија да премине во замрзнат конфликт, имајќи ги предвид и последните барања на Софија да се усвои преговарачката рамка, а да не се даде датум за преговори, Тилев вели дека од формално правен аспект, што во нашиот случај е исклучително важно, одлуката за почеток на пристапните преговори е донесена на 25 март 2020 година со едногласност од страна на сите 27 земји членки на ЕУ, вклучително и на Бугарија.
-Она на што Бугарија упорно инсистира, нерационално и спротивно на основните вредности на кои почива и Унијата, е усвојувањето на Преговарачка рамка во која би се вметнале нејзини билатерални услови кои допираат до нашите историски идентитетски корени, како предуслов за отворање на Првата Меѓувладина конференција. Ова секако за било кој политички чинител во земјава би било неприфатливо. Исто така, сите останати 26 земји членки, за сега, се противат на ова барање на Бугарија. Да потсетам дека за усвојување на Преговарачката рамка подготвена од страна на Европската комисија на линија на новата методологија за преговори, според Договорот за ЕУ, е потребна едногласност, која во моментов Советот на ЕУ, поради противењето на Бугарија, не може да ја обезбеди, вели тој.
Формално правно, додава Тилев за МИА, раздвојувањето на моментот на усвојување на Преговарачката рамка, од одржувањето на Првата Меѓувладина конференција, го „читам“ само како дополнителен политички притисок и барање гаранции за исполнување на евентуално договорените обврски за нас.
-Од тука, доколку Унијата не најде начин да обезбеди единство со тоа што и 27-мата членка да даде согласност за Преговарачката рамка, и со тоа да го заштити својот кредибилитет, но и основните вредности на кои почива, постои опасност за губење дополнително време и енергија во потрага по прифатливо решение. Се надевам дека до тоа нема да дојде, оценува Тилев.
Според него, реалноста вели дека во 2022 година состојбите на глобален план, во регионот и кај нас дома, ќе бидат уште поизострени. Тоа не значи однапред неуспех, но секако предизвиците ќе бараат темелност, трезвеност и брзина во донесување и реализација на одлуки кои можат да не придвижат во саканата насока.
-Всушност, сметам и длабоко сум убеден дека немаме право да се откажеме од зацртаните стратешки цели. Тие се генерациски, а не дневно политички, со целосно разбирање дека промените на глобален план ќе се случуваат независно од тоа дали ние ги следиме или не. До нас е да покажеме способност, како држава, и капацитет, како институции, да се прилагодуваме на новите околности, какви тие и да бидат, вели Тилев.
Тој не губи надеж дека здравиот разум ќе надвладее и дека во 2022 година конечно ќе ги започнеме преговорите за полноправно членство во ЕУ. – Новата Влада во Бугарија има историска можност да подаде рака да изградиме мост на доверба и пријателство. Заедно сме во НАТО, очекувам да бидеме заедно и во ЕУ. На крајот, дури и да не се согласиме во се, верувам дека сме доволно паметни да ги прифатиме и меѓусебните разлики и да живееме со нив, истакнув Толев.
Дома кај нас, додава Тилев, сметам дека пристапните преговори мора да добијат „тежина“ на државен проект, со консензус околу расчистувањето со корупцијата и организираниот криминал, деполитизација и професионализација на администрацијата и креирање простор за ослободување на позитивна енергија за развој на бизнисите.
-Мојот апел беше и останува, максимално да инвестираме во младите. Само доколку им дадеме простор тие да научат да ја сакаат својата земја и да се чувствуваат убаво во неа, проектот за Северна Македонија како „европска држава“, има иднина, смета Тилев.
Милева Ѓуровска, претседателка на Европско движење на Македонија вели дека за македонските евроинтеграции не може да се зборува на општ начин – едната перспектива се граѓаните и начинот на кој тие се вклучени во евроинтеграцискиот процес, другата страна ја чинат политичките процеси и начинот на кој се пристапува кон политичките решенија, а третата перспектива се институциите и нивната посветност во имплементацијата на европските решенија на постечките практики.
-Искуствата од реализацијата на проектните активностите на Европското движење, односно Националната конвенција за Европската Унија во РС Македонија (НКЕУ-МК), укажуваат на зголемен интерес на граѓаните за вклучување во дебатите за наоѓање конкретни решенија според европските стандарди во различни области. Во јавноста постои слаб проток на информации за функционирањето на ЕУ. Незначителен е бројот на позитивните европски практики кои циркулираат низ јавноста преку кои граѓаните ќе сфатат дека ЕУ не е само Бриселската управувачка структура, туку дека тоа е реален живот кој го споделуваат над 450 милиони европски граѓани. Во суштина, многу од македонските граѓани добро знаат како се живее во Европа и посакуваат во својата земја такoв квалитет на живеење, со што може да се објасни опстојувањето на нивниот оптимизам, вели Ѓуровска.
Таа смета дека европеизацијата на земјата се одвива бавно, но тоа е реален процес за кој и самите граѓани веќе се свесни, осбено во доменот на земјоделството и позитивниот тренд на искористување на европските фондови во образованието преку Еразмус програмите. Вели дека она што недостига во поглед на работата на граѓанските здруженија е видливоста на нивните резултати кои не стигнуваат до пошироката јавност.
– Политичкиот дискурс е доминантен во јавноста, но се има чувство дека се сведува на непотполни информации за билатералниот спор со Бугарија околу идентитетските прашања што не можат да се оценат како ветувачки за напредувањето. Со оглед на новата преговарачка методологија и нејзините цели, улогата на политичкиот сегмент треба да биде поголема во смисла на посилно политичко управување со евроинтеграциите, што не значи само реална посветеност на Владата на целиот процес, туку и континуирана комуникација со претставници на европските институции на високо ниво, оценува Ѓуровска.
Смета дека би било голем успех да се добие датум за преговри и да се елиминираат можностите самата европска интеграција да биде предмет на популистичка реторка.
-Со оглед на позитивните извештаи на Европската комисија, вклучувајќи го и последниот од ноември 2021, државата е умерено подготвена, а тоа покажува дека треба сериозно да се работи за да се прикаже реален успех, особено во справувањето со корупцијата и политичкиот непотизам при вработувањето во јавниот сектор, наведува Ѓуровска за МИА.
Домашната и странската јавност се согласни околу фактот дека државата бележи значителен напредок во усогласност на домашната легислатива со европската. Овде вреди да биде спомената Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА, Јуни 2021) – стратешки вреден документ кој ги дефинира приоритетите во евроинтеграциите (документ со обем од 725 страници) со цел да се динамизира процесот, оценува Ѓуровска.
Таа потсетува дека општо е познато дека имаме висока продуктивност на планот на креирање различни видови на стратешки документи, но очигледно е заостанувањето во нивната имплементација, а многу од стратегиите чија важност изминува, веднаш се заменуваат со нови, но без да се направи анализа за причините на нивната слаба имплементација.
Ѓуровска смета дека минатата година се разликува од другите поради фактот дека Владата, граѓанските здруженија, експертската јавности, но и мноизинство од граѓаните – секој според своите можности и пристапи, преземаа различни активности со цел да ја расветлат природата на овој незаснован спор кој допира суштински идентитески парашања кои имплицираат и други претензии.
-Во ЕУ еден од најважните принципи во нејзиното функционирање е заштита на националниот суверенитет и националните интереси на државите – членки. Тој особено доаѓа до израз во процесот на проширување кога една држава членка го редифинира националниот интерес во однос на државите – кандидатки за членство. За прашања од национален интерес одлуките се носат со апсолутно мнозинство што Бугарија го користи во случајов инвентирајќи спор, кој наводно го загрозува нејзиниот национален интерес, вели Ѓуровска.
Потсетува дека имало повеќе случаи на билатерални спорови во историјата на проширувањето на ЕУ, меѓутоа најсвеж е оној меѓу Хрватска и Слованија кој се решаваше во текот на преговорите и тоа со учество на арбитражен суд.
-Тоа е пример за решавање на билатерални спорови кои не го блокираат процесот на евроинтегрирање. Доколку спорот за јазикот и за другите историски прашања долговременски ја блокираат С Македонија да напредува на евроинтеграцискиот пат, а за сега не се гледа на повидок прифатливо решение, ќе се испрати пораката во регионот дека покажувањето на моќ стекната од позиција на членство во ЕУ може да стане правило во натамошното проширување, вели Ѓуровска за МИА.
Во однос на тоа што понатаму, доколку немаме датум за одржување на првата меѓувладина конференција и оваа година, Ѓуровска смета дека треба да се има предвид дека уште при создавањето на независна македонска држава определени се и нејзините стратешки определби и цели, а меѓу нив секогаш европската перспектива имала приоритет.
-Пролонгирање на датумот за почнување на преговорите не е нешто ново и непознато и не може да нѐ обесхрабри и демотивира, а што се однесува до реформите треба да ги сфатиме како наша потреба, а не задача на која се работи заради некој друг. За реформи во државата се зборува многу долго време, а напредокот не треба да го прераскажуваат претставниците на Владата, туку тој треба да го почувстуваат граѓаните. Во актуелниот момент внатрешното средување на државата се поврзува со членството во Европската унија што е значително поволно, бидејќи Унијата дава поддршка и насоки во развојните тенденции, но во ниеден момент не треба да се постави прашањето што треба да правиме доколку не добиеме датум!, оценува Ѓуровска за МИА.
Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика смета дека изминатата година беше година на наметнати, исфорсирани очекувања од наша страна, пред сѐ, наменети за домашни политички потреби.
– Додека Бугарија остана стриктно на своите позиции (отфрлајќи го и предлогот на португалското претседателство), на македонска страна беше очигледна нетрпеливоста за одржување на првата меѓувладина конференција и во таа насока нашата „конструктивност“ честопати беше брзоплета. И покрај едногласно донесената Резолуција во Собранието за утврдување на државните позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, за жал, очигледни беа разлики меѓу официјалните македонски претставници во поглед на подготвеноста за концесии за решавање на т.н. „спор“ со Бугарија. При тоа, недостатокот на објективни информации за граѓаните создаваше очекувања, истовремено подгревајќи неизвесност и несигурност, оценува таа.
Од друга страна, вели Ристевска Јорданова за МИА, се чини како да спиеме на ловориките дека ги исполнуваме условите за преговори и сме посветени на реформите, каква што е сега оценката на ЕУ, па сѐ помалку внимание посветуваме на суштината на процесот на европеизација.
-Овде пред сѐ мислам на промените кои треба да обезбедат еднаквост и подобар живот на граѓаните, а истовремено значат и приближување до ЕУ – конкурентна економија, квалитетна животна средина, енергетика, дигитализација, сообраќај, безбедност на храната… Предуслов за сето тоа е непартизирана и ефикасна администрација и функционални институции, а сведоци сме на натамошна деградација на овие клучни вредности, вели Ристевска Јорданова.
Во однос на дали постои опасност прашањето со Бугарија да премине во замрзнат конфликт, имајќи ги предвид и последните барања на Софија да се усвои преговарачката рамка, а да не се даде датум за преговори, таа оценува дека сосема погрешно се користи терминот „замрзнат конфликт“, кој е специфичен за време непосредно по воен конфликт.
-Да си наметнуваме сами себеси таква квалификација е неодговорно, особено што се работи за две членки на НАТО. Се чини дека со ваквиот вокабулар се драматизира за да се исфорсира „брзо“ решение со Бугарија, а не се води сметка за лошите последици за нас. Станува збор за злоупотреба од страна на Бугарија на нејзината позиција како држава членка на ЕУ, која го одржува ветото кон нашето пристапување во ЕУ, надвор од условите за членство и спротивно на Стратегијата за проширување. И да – тоа вето може да се одржи и на подолг рок, зашто формално е потребен консензус од сите држави членки на ЕУ, и тоа во сите фази од пристапниот процес, не само на почетокот, посочува Ристевска Јорданова.
За појаснување, вели таа, Првата меѓувладина конференција, односно формалниот почеток на преговорите е претставување на Преговарачката рамка. Бугарија бара измени на предложената Преговарачка рамка која е во процедура во Советот, така што овој документ да го одрази нејзиното толкување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка (вклучувајќи, меѓу другото и бришење на „македонски јазик“, односно користење на формулата од билатералниот договор), појаснува Ристевска Јорданова.
Додава дека Бугарија бара и да има механизам за следење на имплементацијата на Договорот – и тоа во посебен кластер (како односите Србија – Косово во преговорите на Србија) или како дел од Првиот кластер, со што таа дополнително би ја зајакнала својата позиција во процесот на пристапување.
-Со ова не се согласуваат другите држави членки, кои сметаат дека процесот на пристапување не смее „да се билатерализира“. Со други зборови – меритократскиот процес на преземање на обврските кои што произлегуваат од членството на ЕУ што би требало да е содржината на преговорите за членство во ЕУ преговорите би бил целосно и постојано под сенка на исполнувањето на бугарските барања, вели Ристевска Јорданова.
Во однос на тоа доколку немаме датум за одржување на првата меѓувладина конференција и оваа година, таа смета дека најбитно е да се работи на реформите дома.
– Конкретна перспектива за членство во ЕУ во моментов е долгорочна и неизвесна и без блокадата од Бугарија, зашто недостасува апсорпционен капацитет на ЕУ, и тоа пред сѐ – политички капацитет. Поради тоа, а и поради нарушениот кредибилитет во случајот со Македонија, ЕУ сега има ограничена трансформативна моќ кон државите кандидати, оценува Ристевска Јорданова.
Колку и да се наметнува наратив дека ништо не зависи од нас, додава Ристевска Јорданова, дека сѐ тоа некој таму ќе го реши на наша штета (или во наша полза), многу зависи од тоа како ние ќе се поставиме кон процесот.
-Наместо кратокорочен поглед кон Првата меѓувладина конференција и нудење концесии на штета на нашите национални интереси, треба да изградиме стратегија и тактика која ќе ги зацврстува нашите позиции и односи со институциите на ЕУ (вклучувајќи ги државите членки), ќе создава домашен импулс за одржливи реформи и нема да биде предмет на меѓупартиски натпревар. Доколку нема позначителни промени на државата во пристапот кон интеграцијата во ЕУ, ризикуваме не само да останеме на „статус кво“, туку и да се влоши нашата позиција во пристапниот процес, вели Ристевска Јорданова за МИА.