Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со Илир Мета, Претседател на Република Албанија, информираат собраниските служби.
На средбата, двајцата соговорници истакнале дека билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија се на високо ниво и дека постои взаемен интерес и можност за унапредување на истите.
Притоа, на средбата било констатирано дека двете држави ги врзува искрено пријателство и соработка кое во иднина се очекува уште повеќе да се зајакнува и унапредува, бидејќи и на меѓународен план имаат исти цели и интереси, односно полноправно членство во Европската Унија, безбедносна соработка во рамките НАТО и продлабочување на регионалната соработка.
Тој го информираше соговорникот за најновите случувања во земјата по одржувањето на локалните избори во земјата како и за изборот на новата Влада што треба да се случи во текот на оваа недела.
Претседателот Мета истакна дека во Северна Македонија има консолидирани демократски процеси и дека земјата ги исполнила сите обврски за отворање на преговорите за членство во Европската унија но сепак тоа не се случило. Изрази надеж дека што поскоро ќе се надминат недоразбирањата со Република Бугарија и ќе се создадат услови за одржување на Првата меѓувладина конференија за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
На крајот, двајцата соговорници се согласиле дека во иднина е потребна уште поголема меѓусебна соработка и поддршка, пред сé заради енергетската и економската криза која се очекува оваа година да се продлабочи.