Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, денеска даде изјава во врска со новата дипломатска иницијатива, „новиот мал сојуз“ кој се формира на линија Киев-Варшава-Лондон. Неговата изјава ја пренесуваме во целост:
Информациите за новиот мал сојуз Украина-Полска-Велика Британија веќе протекоа и активно кружат во јавниот простор. Затоа време е малку да разјасниме. Еве четири факти кои веќе можам да ги споделам.
Прво, со иницијатива за започнување на ваква тристрана соработка во октомври минатата година истапи Украина. Да бидам искрен, беше тажно да се видат првите украински коментатори кои автоматски им ја припишаа оваа иницијатива на нашите партнери, па затоа повторувам – верувајте во својата држава.
Благодарен сум им на моите колеги и пријатели Лиз Трас и Збигњев Рау, кои спремно одговорија, по што започна тристраната соработка на министерствата за надворешни работи на трите земји, во која секоја земја дава подеднакво важен придонес.
Второ, овој нов формат е дел од нашата стратегија на мали сојузи како проактивна надворешна политика на Украина. Посебно внимание им се посветува и во Стратегијата за надворешна политика.
Да потсетам: во суштина ние не можеме да очекуваме безбедност и просперитет некаде во иднината, кога ќе станеме членки на ЕУ и НАТО. Тие ни се потребни уште денес. Затоа, ние веќе денес постигнуваме практично зајакнување со обединување на пријателски и блиски земји во мали сојузи. Создаваме појас на безбедност и просперитет и ја зајакнуваме оската Балтичко-Црно Море. Вака се појавија Лублинскиот триаголник со Полска и Литванија, Квадригата со Турција, Асоцијативното трио со Грузија и Молдавија. Сите тие успешно се развиваат, добиваат тежина и веќе ѝ носат на Украина конкретни придобивки.
Трето, новиот формат не е врзан за локалната географија – тоа е обединување на земји кои споделуваат заеднички принципи, се стремат да ја зајакнат безбедноста и да ја развиваат трговијата, подготвени за конкретни акции. Варшава, Киев и Лондон имаат не само реална свесност за безбедносните закани за Европа и стратегија за спротивставување на предизвиците од страна на Русија, туку и голем потенцијал за тристрана соработка во областите на трговијата, инвестициите и енергијата, поточно обновливите извори на енергија. Со здружување на Атлантикот, Балтичкото и Црното Море со помош на сопствените сили, ние создаваме нови можности за нашите земји и за регионот во целина.
Четврто, беше планирано првата официјална најава за создавање на новиот формат да се направи од страна на министерствата за надворешни работи на трите земји утре во рамки на посетата на нашиот британски колега во Киев. За жал, таа се разболе од Ковид и ја одложуваме оваа најава за подоцна. Сепак, за ова време нашите тимови нема да седат со скрстени раце, туку ќе продолжат да го усовршуваат новиот формат.
Имајте трпение, верувајте во себе, во Украина и во нејзините вистински пријатели!