„Владата предводена од СДСМ е целосно посветена на создавање услови за развој и поддршка на спортот. Веќе три години, мерката ваучер ги дава своите резултати. Податоците покажуваат дека сѐ повеќе компании пројавуваат интерес да ја користат оваа мерка и со тоа да го поддржат македонскиот спорт“, изјави Мојсовски.
„На спортските клубови и федерации, на нашите спортисти, од големо значење им е оваа институционална поддршка за унапредување на спортот. Измината 2021 година беше најуспешната спортска година од нашето осамостојување. И во време на глобална здравствена криза, бележиме раст на реализацијата на мерката од дури 95 отсто“, рече Мојсовски.
Мојсовски истакна дека со мерката ваучер систем поддржани се 174 спортисти, 46 федерации и 664 спортски клубови. Ова значи дека 885 спортски субјекти и индивидуални спортисти имале бенефит од мерката ваучер систем. Преку ваучер системот реализирани се околу 9 милиони евра, од кои 6 милиони евра се од општествено одговорни компании, а 3 милиони евра е поддршка од државата директно преку ковид програмата.
„Преку ваучер системот спортистите, клубовите и федерациите имаат сигурен партнер во финансирањето на нивните програми. Ова е од огромно значење за нивниот професионален развој и напредок. Овозможува да се создадат подобри услови за спортистите и постигнување на одлични спортски резултати“, рече Мојсовски.
„Со ваквата распределба на средства ја зголемуваме и мотивацијата и интересот за спонзорирање на стопанските субјекти во спортот. Спортистите се нашите најдобри амбасадори и тоа е дополнителна причина да продолжиме со нашата безрезервна поддршка“, потенцираше Наумче Мојсовски.





