Владата на Република Северна Македонија на денешната 14-та седница го задолжи АД Електрани на Северна Македонија да отпочне процес за потпишување на Договорите за реализација на Меморандумот за разбирање склучен помеѓу АД ЕСМ и Гастрејд С.А врзани со проектот Терминал за течен гас во Александропулос, Република Грција.
Со овие договори и преземени обврски, Терминалот за течен гас во Александропулос ќе обезбеди сигурно и долгорочно снабдување со течен гас за потребите на Северна Македонија.
Реализацијата на овој проект, кој е прогласен за проект од посебен интерес на Европската Унија за природен гас и за кој Европската комисија одобри поддршка, обезбедува ефикасна интеграција со други важни проекти за инфраструктура на природен гас на регионалниот пазар.
На оваа своја седница Владата ја донесе Програмата за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој за 2022 година со која ќе се подобри руралната инфраструктура и пристапот до земјоделските површини.
Корисници на средствата на оваа програма се центрите за развој на планските региони на територијата на Република Северна Македонија, регистрирани согласно Законот за рамномерен регионален развој.
Избраните проекти е предвидено да се реализираат во рок од дванаесет месеци од денот на потпишување на договорот за финансирање. Корисниците ќе поднесат финансиски и наративен извештај најдоцна 15 дена по крајниот рок за имплементација.





