Екипите на Баскет Кам, Вардар, Бадел и Струга претстојниот викенд ќе одлучат кој ќе биде освојувач на националниот кошаркарски куп.
Првата полуфинална двојка ја сочинуваат Баскет Кам од Македонска Каменица и Вардар.
– Ние сме презадоволни што повторно ќе играме на завршницата. Иако имаме тешки моменти и Купот доаѓа во лош период за нас во кој имаме ковид-позитивни и повредени играчи, се надевам дека ќе прикажеме добра игра и ќе го одбраниме ланскиот освоен куп, вели Јордан Цветановски од стручниот тим на Баскет Кам 2011.
На другата страна од ќе биде Александар Ашаданов, кој лани беше носител на тренерските активности кои му донесоа на клубот од Македонска Каменица – двојна круна.
– Не познавам претставник кој дошол да игра на ваков турнир, а да не сака да го освои. Куп-натпреварите се драматични, се игра по еден меч. Без разлика на хартија и на фаворитска улога. Ќе се обидеме да им ги поматиме сметките на главните фаворити“ – изјави Ашаданов, првиот тренер на Вардар.
Во другото полуфинале ќе се соочат Бадел и Струга.
– Не чувствуваме притисок за дуелите кои следат, ќе дадеме сЕ од себе прво во полуфиналето, па се надевам дека ние ќе бидеме тие кои ќе играме финале. Мотивирани сме и верувам дека нашата напорна работа ќе излезе на површина и ќе дојдеме до посакувана цел, а тоа е трофејот, изјави капитенот на „баделки“ Сања Адамовска.
Владимир Ѓоровиќ, предводникот на стружанки фаворитската улога ја препушти на противникот.
– Бадел 1862 е апсолутен фаворит, но ние нема да се откажеме предвреме и ќе ја бараме нашата шанса. За нас е веќе успех што сме веќе во Купот меѓу четирите најдобри. Нашиот тим има еден странски член, другите се домашни кошаркарки, па ќе се обидеме да се претставиме во најдобро светло, истакна Ѓоровиќ.
Извор: МИА