Продлабочување на соработката на билатерално ниво во борбата против криминалот, особено преку размена на информации, како и јакнење на партнерството за поуспешна борба против илегалната миграција врз основа на реципроцитет и утврдување на брзи и ефективни постапки за идентификација и безбедно и уредно враќање на лицата кои не ги исполнуваат условите за влез, присуство или престој, беа главни теми на денешната средба на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со грчкиот министер за миграции и азил Нотис Митараки на маргините на Министерската конференција на Платформата за заедничка координација за ефикасна борба против нелегалната миграција долж Источномедитеранската рута во Виена.
Како што објави министерот Спасовски на Фејсбук на средбата меѓудругото станало збор и за состојбите со илегалната миграција во текот на 2021 година.
– Заеднички го поздравивме фактот дека бележиме тренд на намалување за 35 отсто на обидите за илегални преминувања во Северна Македонија – спречени се 20.874 обиди, а 90 проценти од обидите се спречени токму на границата со Република Грција, наведува Спасовски.
Тој во објавата потенцира и дека успешно се детектирани и сузбиени и две меѓународни криминални групи од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, кои илегално пренесувале мигранти од Блискиот Исток кои престојуваат на територија на Грција.
– Продолжуваме во инвестирање во меѓусебната соработка и добрососедство, остануваме сериозни партнери во борбата против криминалот на национално и регионално ниво, потенцира Спасовски во објавата на Фејсбук.
извор: МИА





