Третиот светски рекет Александар Зверев е дисквалификуван од АТП 500 турнирот во Акапулко, Мексико.
Организаторите го суспендираа тенисерот од турнирот во сингл поради неспортско однесување на мечот во двојки.
Германецот по поразот му се развика на судијата и со рекетот неколку пати удри во судиската столица. За малку ќе го удреше судијата во ногата.
Александар Зверев беше бесен на судијата откако во игра на двојки со Марсело Мело загубија од Лојд Гласпул и Хари Хелиевааре во првото коло 2:6, 6:4, 6-10. Во решавачкиот тај-брејк, при резултат 8:6 за ривалите, Зверев се обиде да го убеди судијата да ја промени одлуката: „Топката е во аут, ова е пред твојата линија. Ти си идиот, му викаше тенисерот на судијата.
Зверев денеска преку неговиот инстаграм профил се извини за немилиот настан.
„Тешко ми е да објаснам со зборови колку всушност жалам за моето однесување по натпреварот во двојки. Лично му се извинив на судијата бидејќи мојот излив на гнев кон него беше погрешен и неприфатлив. Многу сум разочаран од себе. Тоа не требаше да се случи и нема оправдување. Исто така, би сакал да им се извинам на сите мои фанови, турнирот и спортот што го сакам. Како што знаете, секогаш оставам се на теренот. Вчера оставив премногу. Во наредните денови ќе размислувам за моите постапки и ќе се погрижам тоа никогаш да не се повтори. Жал ми е што те изневерив“, напиша Зверев на својот Инстаграм профил.
Во сингл, Зверев утре требаше да игра против Питер Гоџовчик.
Ј. Ѓ.