Странка на демократска акција на Македонија (СДА), вечерва, во НУ Музеј на македонската борба за самостојност, го одбележа 1-ви Март – Денот на независноста на Босна и Херцеговина.
На референдумот одржан на 29.02 и 01.03.1992 година граѓаните на Босна и Херцеговина се изјаснија дека сакаат да живеат во независна и суверена држава. Оваа година БиХ одбележува 30 години независност.
“Оваа генерација има за цел да го сочува мирот, стабилноста и одржливиот развој на БиХ, во која секој граѓанин ќе биде рамноправен на секој нејзин дел. Демократска, модерна и развиена држава, членка на НАТО и ЕУ, е патот по кој денес се движи БиХ. Пат кој е цврсто трасиран и кој нема друга алтернатива“ – изјави Џелал Хоџиќ, претседателот на СДА Македонија.
Од СДА Македонија велат дека Денот на независноста на БиХ е еден од најзначајните празници во модерната историја на БиХ.
Во обраќањето е нагласено дека Северна Македонија и Босна и Херцеговина имаат одлични пријатески односи, без ниту едно отворено прашање, со голем потенцијал за подобрување на економската соработка.