Mинистерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Кралството Шпанија во РСМ, Н.Е. Хозе Луиз Лозано Гарсија, информираат од Министерството за транспорт и врски.
Министерот Бочварски, како што соопштуваат, го запознал амбасадорот Гарсија со инфраструктурните проекти во земјата, со посебен фокус на патната и железничката инфраструктура и гасификацијата.
На средбата се отвори и прашањето за повторно воспоставување на авиолинијата Скопје – Барселона, која е ставена во мирување поради рестрикциите од ковид пандемијата.
„Регионалното поврзување е од голема важност за нашата држава, поради регионалната и интеграцијата во Европската унија. Инвестициите што ги правиме во изградба на патничката и железничката структура водат токму во тој правец, да обезбедиме модерни и безбедни коридори по кои ќе патуваат нашите граѓани, но и по кои ќе имаме ефикасна и брза трговска размена на стоки и услуги со регионот. Со амбасадорот разговаравме за нашите планови за инвестиции во патната и железничката инфраструктура и ги повикав шпанските компании кои се заинтересирани да земат учество на јавните повици за реализација на истите.“ – истакна министерот Бочварски.
Тие ја потврдија заедничката соработка во делот на економијата и билатералните односи, со можност добрите односи меѓу двете земји дополнително да се продлабочат и интензивираат, се вели во соопштението од министерството.
			




