На денешната 21-ва седница на Владата беше презентирано портфолиото на Светска банка за Република Северна Македонија за тековниот период, како и за наредната фаза на соработката со оваа меѓународна финансиска институција, информираат владините служби.
Во презентацијата на Линда Ван Гелдер, регионална директорка на Светска банка за Западен Балкан и на Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка во Северна Македонија, беше истакнато дека банката продолжува да ги следи приоритетите на Владата, со поддршка што од 1991 години до денеска изнесува 2,8 милијарди долари, пишува во соопштението.
Актуелното портфолио на Република Северна Македонија опфаќа девет големи проекти вредни 480 милиони долари кои опфаќаат проекти од автопатната, магистралната и локалната инфраструктура, проекти за унапредување на образованието, во здравството, како и проекти за социјална инклузија.
Светска Банка, беше истакнато на презентацијата, заедно со Владата, останува посветена и на континуитетот на поддршката на платниот биланс на финансискиот систем и особено во проекти за инвестирање во човечкиот капитал во образование, социјална заштита и здравството, известуваат владините служби.
			




