Советниците на СДСМ од Штип тврдат дека преку општинската каса се поделени милион денари на членови на ВМРО-ДПМНЕ преку разни здруженија.
Според поранешната претседателка на советот и актуелна советничка во Општина Штип, Маријана Рогожарска Поповска, градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, формирал комисија која го изготвила предлогот, а мнозинството во советот на Општина Штип изгласале 1.000.000 денари да бидат доделени на овие здруженија.
Jавниот повик за доделување на овие средства не можеше да се види ниту на социјалните мрежи, ни како прилог на некој од регионалните медиуми што ја доведе во прашање транспарентноста на целата постапка, а според советниците на СДСМ и целта на доделените средства. Според нив дел од основачите и активистите во овие здруженија се јавни поддржувачи и активисти на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и ова е еден од начините на локалната власт во Штип за „легално” да се исплатат заслугите на партиските поддржувачи. Освен од советниците од СДСМ, во однос на доделените средства на овие здруженија, реакција имаше и од советничката од Левица која на јавната седница праша дали ова е начин за наплаќање на предизборните активности на одредени активисти и која е целта на овие проекти.
На јавниот повик се пријавени вкупно 9 здруженија од кои 5 здруженија добија средства од Општината. Според расправата по ова прашање, советниците не добиле воопшто никаква документација во однос на целите на реализација на проектите и на никого во општинската сала не му беше јасно што ќе прават овие здруженија во корист на граѓаните на општина Штип.
Дел од здруженијата кои добиле средства не се воопшто познати за штипската јавност,а дел од нив се неодамна основани .
Во секој случај со ваквиот начин на носење одлуки во Општина Штип останува нејасно, дали општината има реална желба да ги помага проектите на здруженијата на граѓани и која е целта поради која се доведува во прашање транспарентноста на ваквата постапка.
Д. Е.







