„Бројката од 132.260 граѓани што бојкотираа а се попишани од административни извори и кои не влегуваат во процентите на националности, делумно се однесува на црните кампањи“, одговори на прашањето од Фронтлајн директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, за тоа колкава штета предизвикаа кампањите на одредени политички структури кои повикуваа на бојкот и ширеа дезинформации за пописот.
Симовски истакна дека таквите кампањи нанесоа само штета на Пописот, никаква корист.
– Тоа се обидувавме да го кажеме и тогаш, меѓутоа целата работа ја извртуваа поинаку, рече Симовски.
Според податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите, 2021, што ги презентираше директорот на Државниот завод за статистика, Симовски, во Северна Македонија живеат 58,44 отсто Македонци, 24,3 отсто Албанци, 3,86 отсто Турци, 2,53 отсто Роми, 1,3 отсто Срби, 0,87 отсто Бошњаци и 0,47 отсто Власи. 132.260 граѓани, или 7,2 отсто, се попишани од административни извори и тие не влегуваат во процентите на националности.
М. Ацковска