Хрватскиот ракометен интернационалец од клубот Бутел се бори за живот во една од скопските болници, откако бил претепан вчера во Скопје, пренесе МИА.
Од клубот потврдија дека Тот се наоѓа во критична состојба и дека е претепан, но не кажуваат повеќе детали.
Според неофицијалните информации, Тот има бројни повреди по целото тело, многу фрактури и најверојатно е удиран со тапи предмети, но и со раце и нозе.
За повредите на Денис, потврда стигна и од неговиот брат Борис Тот кој игра во Холандија.
– Родителите се на пат за Скопје. Немаме премногу информации за тоа што се случи, кусо соопшти братот на повредениот ракометар.
Хрватските медиуми со големо внимание ја следат ситуација со ракометарот на Бутел, Денис Тот.
Според порталот „Вечерњи“ хрватскиот ракометар бил претепан во ноќниот клуб „Привилиџ“, а снимките од безбедносните камери биле избришани.
– Инцидентот се случил во ноќниот клуб „Privilege“, а снимките се избришани. Некој знае што прави, пишува порталот повикувајќи се на лице познато на редакцијата.
Денис Тот има бројни повреди по целото тело, многу фрактури и најверојатно е удиран со тапи предмети, но и со раце и нозе.
Родителите на 27-годишниот ракометар допатуваа во Скопје.
Се очекува во текот на денешниот ден, МВР да даде официјални информации за инцидентот.
Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи информира дека вчера (07.04.2022) во 04:11 часот од Клинички центар во СВР Скопје е пријавено дека кај нив во бесознание, без видливи траги на насилство е донесен Д.Т. и веднаш му е пружена лекарска помош. СВР Скопје, како што наведуваат во соопштението, презема мерки за расчистување на случајот.