Договорот од Преспа, покажа начин на решавање на конфликти или несогласувања, кој треба да биде пример за светот. За нашите две земји веќе носи напредок, веќе започнавме со реализирање на интерконекторот за гас помеѓу Северна Македонија и Грција како и терминалот и гасната централа во Александруполи, напиша на Фејсбук Фатмир Битиќи, заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции.
„Одличен разговор на панелот на Делфи форум, на кој бев заедно со посебниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот Белград – Приштина, Мирослав Лајчак, заменик помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, Курт Вокер, специјалниот претставник на САД и Марко Чадеж.
Договорот од Преспа, покажа начин на решавање на конфликти или несогласувања, кој треба да биде пример за светот. За нашите две земји веќе носи напредок, веќе започнавме со реализирање на интерконекторот за гас помеѓу Северна Македонија и Грција како и терминалот и гасната централа во Александруполи. Ова се значајни проекти кои значат, прво диверзификација на пазарот со енергенси за нашата земја. Ова во моментов сите гледаме и сфаќаме дека е неопходно ако гледаме што се случува со енергетскиот пазар во Европа а е предизвикано од воената агресија на Русија врз Украина.
На последното прашање од модераторката – Како ја гледате иднината на регионот, дадов за мене јасен и лесен одговор… Целосно интегрирани во Европската Унија, со цврсти синџири на набавки кои не се зависни од далечните источни пазари, со силни економии кои носат добар живот за нашите граѓани. Посветено работиме за да ги постигнеме европските стандарди, но време е да се тргнат пречките на нашиот европски пат, подготвени сме“, пишува во објавата.





