Претседателот на САД, Џо Бајден денеска ќе ги повика Американците „да не даваат прибежиште на омразата“, а Конгресот да усвои мерки за контрола на оружјето. Тој и првата дама Џил Бајден, денеска во Бафало, сојузна држава Њујорк, ќе оддадат почит на жртвите од саботниот масакр, јавува МИА.
Тие ќе го посетат местото на трагедијата и ќе испратат сочувство до роднините на жртвите од масовното пукање, а исто така ќе се сретнат со претставници од безбедносните и службите за брза реакција, и локалните лидери.
-Претседателот ќе го нарече тој одвратен чин тоа што е – тероризам заснован на омраза и изопачена идеологија што ја раскинува душата на нашата земја, изјави денеска службено лице од Белата куќа.
Бајден ќе побара од Конгресот „донесување мерки за отстранување на оружјето од нашите улици и да не се допушти негово паѓање во рацете на криминалци и луѓе заболени од сериозни психички болести што ги прави опасни за себе и за другите“.
Она што се знае е дека 18 годишниот Пејтон Хендрон, белец, во саботата во супермаркет, лоциран во дел од градот каде претежно живеат Афроамериканци, уби десет луѓе и рани уште тројца. Од тринаесетмината, единаесет се црномурести.