Пратениците попладнево расправаа за Предлог-законот за гаранција на земјава на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и АД ЕСМ во државна сопственост, по скратена постапка, во рамки на 54-та седница, јавува МИА.
Пратеникот Љупчо Пренџов од ГРОМ рече дека има криминал во најава од пет милиони евра, а владејачката структура забрзано и сигурно сака да украде се и да уништи се од АД ЕСМ. Според него, АД ЕСМ од независноста на државата се до 2017 година, сè додека не ја преземало СДСМ, беше најголемото државно претпријатие, гигант со остварени добивки секој месец.
Пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Бети Стаменковска Трајковска рече дека со проектот на ЕСМ ќе се инсталира моќност од 30 мегавати, а моментално РЕК Битола и Осломеј имаат инсталирано моќност повеќе од 700 мегавати. Таа праша што ќе се прави со разликата од 670 мегавати и рече оти таа сигурно ќе биде надокнадена со увоз.
– Велите ова е прв чекор на транзиција. Но, таа треба да е добро осмислена. Но, вие не знаете така да работите, не планирате, рече Стаменковска Трајковска и додаде дека такви примери на избрзана транзиција има многу, како на пример проектот во образованието за дигитализација на учебниците.
Стаменковска Трајковска потсети дека за проектот за фотоволтаици, за кои сега Собранието треба да донесе закон, се зборува од 2019 година.
– Според првичното најавување на Заев, наместо сега да се сече лента и прогласи старт на производство на струја, повторно се најавува нова соларна централа на местото на поранешниот рудник, рече Стаменковска Трајковска.
Пратеникот Панчо Минов во реплика рече дека гледачите не можат да разберат за што зборува пратеничката Стаменковска Трајковска.
– Вие не кажавте дека сега носиме закон со кој со кредит од Европската банка за обнова и развој се финансираат две фотоволтаични централи од 10 и 20 мегавати, со 20 милиони евра кредит и пет милиони грант. Треба да се исплати за 20 години, со две години грејс период, со поволна камата од еден процент и со само еден процент провизија за банката, истакна Минов.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски рече дека пратениците од владејачкото мнозинство немаат аргументи да ја бранат власта, кога се најавува ново поскапување на струјата од 10 проценти.
– Поскапува струјата затоа што не се произведува. Ве повикувам да прочитате колку се произведувало струја пред 10 години, а колку сега. Она што треба да направите е треба да го покачите производството и да не увезувате струја, потенцира Стојановски.
Претходно, пред паузата, со 90 гласови „за“, без ниту еден против и без воздржани, Собранието денеска во рамки на 64-та седница го донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за земјоделство и рурален развој, по скратена постапка, со кој е предвидена бесплатна „зелена нафта“. Предлагачи на законот се група пратеници од владејачкото мнозинство.
Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски во 18 часот ја прекина 54 седница и за утре во 12 часот најави нејзино продолжување. Освен 54 седница, за утре тој ги закажа и продолженијата на 39 71 и 69 седница.