Во рамки на официјална посета на Анкара, министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари средба со претседател на турското Големо национално собрание Мустафа Шентоп, на која е се потврдени традиционално добрите и пријателски односи помеѓу двете држави и заеднички е истакната важноста на улогата на парламентарните групи за соработка, како и придонесот на над сто склучени билатерални спогодби во продлабочување на повеќесекторската соработка, чиј особен резултат е растечката економска и трговска размена.
– Пријателството меѓу граѓаните на двете држави и нашата дијаспора во Турција е нашиот мост кој не спојува. Турска етничка заедница има посебен придонес во политичкиот, културниот и економскиот развој на Северна Македонија, како дел од нашиот уникатен модел на мултиетничка функционална демократија, истакна министерот Османи.
Како што соопшти МНР, Османи oствари средба и со поранешниот министер за надворешни работи на Турција, Хикмет Четин, на кој му врачи специјално признание по повод 30-годишнината на независноста на Северна Македонија.
– Четин беше министер за надворешни работи во еден исклучително важен период од нашата понова политичка историја – на нашето осамостојување и Турција е меѓу првите земји што ја признаа нашата независност, се наведува во соопштението.
Шефот на дипломатијата Османи во рамки на престојот во Анкара, положи венец во Мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк, оддавајќи почит на големиот државник и основач на модерна Република Турција.





