Во рамките на второто издание на Преспа форумот за дијалог 2022, се одржа последната сесија насловена: „Идната генерација на Западниот Балкан“, која Министерството за надворешни работи ја организираше во соработка со канцеларијата на регионалната младинска соработка (RYCO) и Младинскиот сојуз – Крушево, јавува МИА.
Како што информираат од Министерствтото за надворешни работи во овој дел од сесијата биле опфатени темите за јакнење на улогата на младите како фактор на промени и активисти, кои претставуваат движечка сила за градење на стабилни и одржливи општества. Исто така се дискутирало и за приближувањето на идните генерации од Западниот Балкан кон вредносниот систем на ЕУ, како и нивно активно вклучување во процесот за креирање на младински политики.
На сесијата главни говорници беа Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерка за култура, Секретарот за односи со државите на Светата Столица, монсињор Пол Ричард Галагер, Зоран Попов, државен секретар на Министерството за надворешни работи, Алберт Хани, Генерален секретар на RYCO. Исто така свои излагања имаа и претставници од регионалните канцеларии на RYCO, младинскиот сојуз Крушево, како и советникот од канцеларијата на ПРСМ задолжен за младинските прашања и претставник од Агенцијата за млади и спорт, е наведено во соопштението.
Државниот секретар, Зоран Попов, во своето воведно обраќање истакнал дека 2022 е година во која што сите заедно треба да обезбедиме подобри услови и иднина за младите дома. Соочувајќи се со многу предизвици, повикал на поддршка од клучните регионални иницијативи како RCC и RYCO, да им се понуди на младите одговор кој го бараат и заслужуваат.
Алберт Хани, ГенСек на RYCO потенцирал дека “Поврзувањето на младите е една од најважните инвестиции кои можат да помогнат кон зајакнување на меѓусебната толеранција, помирувањето и меѓукултурниот дијалог. Несомнено е дека младите се и ќе продолжат да бидат клучни чинители кога станува збор за градење на одржливи и мировни општества”.
-Сакам да ги охрабрам младите да имаат визија за својата земја и за својот регион и да работат во насока за нејзина реализација, порачал секретарот за односи со државите на Светата Столица, монсињор Пол Ричард Галагер.
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска испратила апел до младите да се отворат за соработка, и за размена на искуства.
-Не дозволувајте да го носите времето на туѓите грешки. Не барајте иднина во минатото. Живејте сега и сега барајте ги начините како со вашите чисти умови и срца да го приближите Западен Балкан кон Европската Унија”, истакнала таа.





