Скопје останува на ставот дека билатералните прашања треба билатерално да се решаваат и дека преговарачката рамка треба да биде мултилатерален документ. Шефот на дипломатијата Бујар Османи изјави дека во однос на билатералните прашања нема да се дозволи да има посебно поглавје, а историските прашања нема да бидат критериум за придвижување на процесот напред. Од друга страна експертската јавност смета дека со францускиот предлог се оди под нашите позиции и црвени линии, и се внесуваат билатералните прашања во преговарачката рамка и вели дека Владата не смее да остане нема очекувајќи дека земјите членки на ЕУ ќе го заштитат нашиот преговарачки процес поради внесување на билатерални спорови, што, за експертите, е погрешна стратегија.
Во Софија, пак, претседателот Румен Радев побара бугарската Влада да се произнесе со став за предлогот на француското претседателство со ЕУ за деблокирање на европскиот пат на Северна Македонија, додека пак премиерот Кирил Петков во саботата рече дека на Самитот на ЕУ во Брисел неделава „нема да оди со став на Владата во однос на „францускиот предлог“, туку со одлука на Народното собрание“ на Бугарија.
– Нашиот став како Влада е дека преговарачката рамка треба да биде мултилатерален документ што содржи рамка за преговарање во однос на пристапување кон ЕУ како организација на држави членки, додека билатералните прашања треба да се решаваат на билатерално ниво со државите со коишто тие постојат, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање дали земјава го има променето ставот дека нема да прифати билатералните прашања да влезат во преговарчаката рамка.
Тој, на прес-конференција со неговата финска колешка Сана Марин, додаде дека за решавање на билатералните прашања постојат и Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција и изрази надеж дека ЕУ ќе усвои преговарачка рамка што ќе отсликува мултилатерален карактер на документот.
Во однос на протоколот од бугарското МНР, Ковачевски изјави дека тој се уште не е пристигнат во нашето МНР.
–Сите документи за коишто зборувате и за коишто се зборува во јавноста коишто се однесувааат на одлуки коишто треба да се носат во Бугарија, се наоѓаат во нивното Собрание според тоа што се гледа од медиумите. А во однос на комуникација на документи и пристигнување, бидејќи имаше таква вест којашто беше излезена дека има документ којшто дошол во МНР на РСМ, не е точно дека дошол документ, вели премиерот Ковачевски.
Тој појасни дека протоколот не претставува посебен договор туку е всушност статусот и понатамошни чекори кои треба да се преземат во однос на спроведувањето на Договорот за добрососедство, што го имаме со Бугарија и обврските коишто во тој Договор ги презеле и Северна Македонија и Бугарија.
Финската премиерка Марин, пак, рече дека финската позиција е многу јасна, ние сме во полза на проширувањето и нашата позиција во врска со Северна Македонија и Албанија е многу јасна – сакаме да се случува напредок, сакаме да ги видиме двете земји како стануваат земји членки на ЕУ во иднина и треба на напредуваме на тоа прашање.
Одговорност на ЕУ, според финската премиерка, е да се осигура дека ситуацијата нема да остане замрзната. – Сакаме да ве видиме како дел од ЕУ и сакаме сите да се движиме напред, рече Марин.
– Треба заедно да дискутираме за прашањето со Бугарија и да се осигураме дека ќе ги имаме насоките од сега па натаму по кој пат треба да се движат. Неделава ќе имаме состанок каде ќе дискутираме за статусот на Украина и Молдавија, мислам е важно да се дискутира за сиутацијата со Западен Балкан и да се осигураме дека сите прашања ќе бидат решени. Наша одговорност е да се осигураме дека веќе нема да има проблеми, рече Марин.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи изјави дека во однос на билатералните прашања нема да се дозволи да има посебно поглавје, а историските прашања нема да бидат критериум за придвижување на процесот напред. Тој, во интервју за ТВ Телма вели дека португалскиот предлог е основа за решение на спорот со Бугарија.
– Мене ми е најважно прво да се утврди дали има политичка волја пред да пристапиме кон конкретните прашања, решенија и документи. Засега не гледаме политичка волја во Софија. Во моментот кога ќе видиме сигнал дека таму има политичка волја, тогаш ќе влеземе и во тие разговори како понатаму во однос на конкретните предлози, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за ТВ Телма, зборувајќи за решавањето на отворените прашања со Бугарија.
Османи во интервјуто вели дека португалскиот предлог е основа за решение на спорот со Бугарија во однос на јазикот, а по однос на билатералните прашања, истакнува дека нема да се дозволи да има посебно поглавје, додека историските прашања посочува оти нема да бидат критериум за придвижување на процесот напред.
– Во однос на јазикот ние сме кажале дека португалскиот предлог е основа за решение, исто така и по однос на билатералните прашања, ниту ќе се дозволи да има посебно поглавје, ниту историските прашања да бидат „Бенч маркови“, или предуслови за придвижување напред во процесот, рече Османи.
На прашањето дали МНР ќе бара Собранието да одлучи дали да се продолжи со процесот понатаму, Османи вели дека за тоа е изгласана Декларација која ги исцртува рамките на македонската позиција.
– Мислам дека Собранието има изгласано декларација во Парламентот која ги исцртува рамките на нашата позиција, доколку би се излегло од тие рамки се разбира дека би барале амин од Собранието. Се додека сметаме дека сме во рамки на декларацијата, мислиме дека имаме мандат да продолжиме да разговараме, потенцира Османи.
Експертската јавност, пак, вели дека францускиот предлог не нè носи кон членство во ЕУ.
– Ние сакаме да ги почнеме преговорите или сакаме да ги завршиме преговорите и да влеземе во членство, затоа што не носи во едно тесно сокаче што е исклучително комплицирано, обременето со барањата на Бугарија, при што се прават преседани и за други држави кандидати што ќе следат после нас, оценува поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и екс шеф на дипломатијата Никола Димитров.
Тој во изјава за медиумите пред панел дискусијата организирана од Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ) по повод презентација на документот „Бугарското вето на македонските евроинтеграции: какво јаболко може да загризе Македонија?“, оцени дека со францускиот предлог се оди под нашите позиции и црвени линии, и се весуваат билатералните прашања во преговарачката рамка. Димитров додава дека таа концесија е направена многу лесно, без притоа да се побара во најмала рака Бугарија да ја тргне унилатералната декларација од македонскиот јазик, а одговорноста за тоа ја префрла на Владата.
– Не може во Северна Македонија ние да впишуваме бугарска заедница во Уставот на барање на Бугарија, а Бугарија за мнозинскиот народ, за македонскиот народ кој зборува македонски јазик, уште не е на чисто со македонскиот идентитет. Ние не бараме да ни го признае јазикот. Државите не признаваат јазици, но имаат обврска да го почитуваат правото на самоизјаснувње и самоопределување на македонсккиот народ. Тоа што го направи Грција со Преспанскиот договор. Проблемот на овој предлог е прво што не го решава македонско – бугарскиот проблем затоа што негирањето уште постои. Додека Бугарија не се откаже од таа агенда, да не отрезни нас Македонците, тој проблем нема да биде решен, и ние не можеме да го затвориме македонското прашање со последнта држава која што има проблем со тоа, тоа е Бугарија, оценува Димитров.
Исклучително раното внесување на бугарската заедница во Уставот, што би можело да се искомплицира во текот на преговорите, начинот на кој тоа ќе биде толкувано од страна на Бугарија, како и механизмите што се вградени во тековниот неофицијален „предлог“ на француското претседателство, се дел од клучните ризици во неофицијалниот документ, оценуваат од Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ), кои денеска го презентираа документот „Бугарското вето на македонските евроинтеграции: Какво јаболко може да загризе Македонија?“.
Македонската држава никогаш не смее да поддржи преговарачки процес со ЕУ, кој ќе стане основа на разнебитување на нашата државност, загрозувајќи ја внатрешната и регионалната стабилност со несогледливи последици, сметаат од Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ), кои денеска го презентираа документот „Бугарското вето на македонските евроинтеграции: Какво јаболко може да загризе Македонија?“.
Тие наведуваат дека за „македонските црвени линии“ е недозволиво внесување механизам за следење или спроведување на Договорот со Бугарија во преговорите со ЕУ преку Преговарачката рамка. Според нив, Бугарија мора да се обврзе дека нема дополнително да отвора нови прашања и дека македонскиот јазик треба да е без какви и да е додавки. Оттаму наведуваат дека не смее да се прифати менување на Уставот, како услов за почеток и тек на преговорите, а бугарската страна треба експлицитно да го признае македонскиот идентитет. Дел од „црвените линии“ треба да е и оневозможување на злоупотреба на историското минато за етнополитички цели, како и спречување на говорот на омраза од двете страни, гарантирајќи ја слободата на изразување. Како последна „црвена линија“ тие ја наведуваат работата на Историската комисија, која, според нив, треба да е ослободена од диктат и без ограничување со рокови.
– Очигледно е дека се вградува механизам за спроведување на дел од договорот и се говори, она што знаеме значи, за билатерален протокол во којшто немаме увид. Исто така, очигледно е дека имаме многу малку информации во однос на тоа што се говори, за што се дискутира и би било добро македонското општество да биде подобро запознаено со дел од овие документи, рече директорката на ЕПИ Симоница Кацарска.
Претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски вели дека појдовната позиција во документот што го одработиле со ЕПИ е дека не сакаме да прифатиме и не треба да прифатиме процес за којшто нема општествено-политички консензус, односно поширока поддршка.
– Во таа смисла нашето општество се уште не е запознаено што се преговара, односно знаејќи само дел од целата приказна за неофицијалниот „француски предлог“, ние, исто така, не знаеме што има во протоколот. Ги повикувам партиите, опозицијата и пред се Собранието да се одважи и во функција на тело каде што е застапен суверенитетот на граѓаните, уште денеска да побара седница на која што ќе се разгледа францускиот предлог, како тој одговара на резолуциите донесени од Собранието, но исто така и да имаат увид во протоколот којшто може многу од работите да промени или да влоши во најлоша ситуација од она што е дефинирано во предлог преговарачката рамка од страна на француското претседателство со ЕУ, рече Трошановски.
Тој нагласи дека она што е многу важно е дека Владата не смее да остане нема, очекувајќи дека земји членки на ЕУ ќе го заштитат нашиот преговарачки процес поради внесување на билатерални спорови, што, според него, е погрешна стратегија.
Друг аспект, според него, е во делот на јазикот којшто ни е исклучително важен. При тоа унилатералните декларации, односно изјави од земјите што треба да се приклучат на општата изјава на ЕУ, стануваат дел од целиот преговарачки процес. И проблематизирањето што евентуално би се вградило во нив, особено од бугарска страна на македонската етнолингвистичка генеза, а очекувано не ни гарантира дека во иднина таа декларација нема да биде злоупотребена во оценување повторно на нашиот прогрес во преговарачкиот процес и јазикот повторно нема да стане еден од условите за напредокот на земјата.
Запрашан за тоа дали треба ние да побараме заштита на македонското малцинство во Бугарија, Трошановски одговара потврдно, но вели дека реципроцитетот очигледно не функционира и нема ниедна основа во овој предлог што се базира на некаков реципроцитет. Компромисот односно преговорите сами по себе, посочува тој, подразбираат реципроцитет, но гледаме дека ЕУ барем од досегашното искуството со овој процес, особено со „францускиот предлог“, не го зема предвид тој аспект.
На прашањето дали во „францускиот предлог“ би се очекувале резултатите од Договорот за добрососедство, односно, дали тоа ја подразбира и работата на Мешовитата комисија за историски прашања, Трошановски вели дека токму тој аспект е замаглен во „францускиот предлог“ и затоа треба да се види протоколот и акцискиот план што треба да следи и во којшто треба да има ефективни механизми за следење, како и да се види на каков начин е регулирана работата на Историската комисија.
– Ако, да речеме хипотетички, до септември 2023 ние треба да се договориме што е Гоце Делчев и тоа да биде услов за преговори, тоа е апсолутно неприфатливо, нагласува Трошановски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, коментирајќи го францускиот предлог и изјавите на премиерот Димитар Ковачевски и министерот Бујар Османи дека се уште немаат увид во истиот, рече дека според неговите информации истиот е усогласен со македонското МНР, додавајќи дека нема дозволи француската влада и Макрон да си дозволат да пратат предлог и тој претходно да не го усогласат со некакви канали за комуникација.
Бугарскиот претседател Румен Радев вчера побара Владата на Бугарија да се произнесе со став за предлогот на француското претседателство со ЕУ за деблокирање на европскиот пат на Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Софија.
– Сегашниот пристап не може да функционира. Бугарската Влада треба да даде мислење врз основа на стручноста на бугарското Министерство за надворешни работи и доколку на кој било начин ја ажурира националната рамковна позиција со своја одлука, дури потоа да ја испрати до Парламентот на одобрување, а не обратно, изјави Радев.
Според Радев, Рамковната позиција на Бугарија во 2019 година беше утврдена и усвоена со одлука на тогашната бугарската Блада и потоа поддржана со Декларација одобрена од страна на тогашниот состав на Собранието.
– Навистина има напредок. Промената на Уставот на Република Северна Македонија е веќе прифатена да се случи. Во Софија никогаш не сме зборувале за малцинство, туку за рамноправност на македонските Бугари, која ја заслужуваат. Прво да се промени Уставот, па дури потоа да почнат преговорите со ЕУ, додаде Радев.
Според него, сегашниот пристап на владата во однос на францускиот предлог да се изјасни бугарското Собрание, води кон блокада и неможност да се донесе одлука.
– Телото што ќе ја изготви на оваа одлука треба да биде бугарската Влада, а парламентот да ја одобри, а не обратно, додаде Радев.
Синоќа Бугарската национална телевизија објави дека до овој момент нема закажана седница на Комисијата за надворешни работи на бугарскиот Парламент на која ќе се разгледува бугарскиот предлог за решавање на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Софија.
Како што пренесува Бугарската национална телевизија (БНТ), парламентарната комисија ќе биде свикана најверојатно во четврток.
Бугарскиот премиер Кирил Петков во саботата изјави дека на Самитот на ЕУ во Брисел неделава „нема да оди со став на Владата во однос на „францускиот предлог“, туку со одлука на Народното собрание“ на Бугарија. – Предлогот на француското претседателство со ЕУ е веќе во Народното собрание на Бугарија. Пратениците ќе донесат одлука и ќе ја исполнам волјата на Народното собрание, рече Петков.
Софиски „Стандард“ вчера објави дека доколку Софија даде позитивен одговор за предлозите на француското претседателство за решавање на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, денеска се очекува Советот за општи работи на ЕУ да ги одобри преговарачките рамки и придружните документи за Скопје и Тирана, а на Самитот за Западен Балкан в четврток да бидат одредени датумите за почеток на преговорите.
Весникот потсети на средбата вчеравечер на постојаните дипломатски претставници на земјите-членки на ЕУ во Луксембург кои требаше да разговараат за т.н. „француски предлог“ за решавање на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија и за почеток на преговорите со Скопје и Тирана за членство во Унијата, при што ставот на Бугарија за преговарачката рамка предложена од Франција како претседавач со ЕУ се очекува да го изнесе Комисијата за надворешни работи на бугарското Народно собрание, откако Владата во Софија на 15 јуни реши сите одлуки во врска со спорот со земјава да им ги препушти на бугарските пратеници.
„Стандард“ тврди дека во поднесениот предлог на француското претседателство и европските институции се прифатени повеќето барања на Бугарија за Северна Македонија и тие се вклучени во преговарачката рамка.
Во меѓувреме српските медиуми јавија дека во нацрт-заклучоците, што би требало да ги усвои Европскиот совет на Самитот закажан за 23 и 24 јуни, во кој имале увид агенцијата Бета и Еуроактив.рс, се наведува дека предложената Европска политичка заедница нема да ги замени постоечките политики на ЕУ, вклучително и проширувањето, туку ќе ги надополни, а земјите во процесот на европска интеграција од Западен Балкан се повикани да продолжат со реформите и ги решат отворените прашања.
Во нацртот, како што јави дописникот на МИА од Белград, засега не се наведува ништо за разговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија.
– Патот на Северна Македонија кон ЕУ е блокиран поради билатералниот спор со Бугарија, кој ја погодува и Албанија, чиј што пристапен процес е поврзан со напредокот на Скопје, наведува Бета.
Според нацрт-документот, Европскиот совет одржал „стратешка дискусија“ за односите меѓу ЕУ и нејзините партнери во Европа и го разгледал предлогот за покренување на Европска политичка заедница.
– Заедницата ќе им понуди на европските земји надвор од ЕУ координативна политичка платформа што би се однесувала на Западниот Балкан, придружните земји од Источното партнерство и други европски земји со кои ЕУ има блиски односи, се наведува во нацрт-документот.
Во заклучоците за Западен Балкан се наведува дека ЕУ ја изразува својата целосна посветеност на недвосмислената перспектива за членство на регионот во Унијата и повикува на забрзување на процесот на негова европска интеграција. /MИА/.