Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска учествуваше на седмиот Регионален координативен состанок за спроведување на Патоказот за одржливо решение за нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје во Западен Балкан до 2024.
Како што соопшти МВР, Спасовски се заблагодари на сите меѓународни организации за континуираната и несебична поддршка при спроведување на зацртаните цели од Патоказот и истакна дека проблемот со неконтролираното ширење на малото и лесно оружје во последниве години се искачи високо на меѓународната, регионалната и националната агенда.
-Сведоци сме дека пролиферацијата на малото и лесното оружје често пати е катализатор кој ги трансформира локализираните инциденти во глобални предизвици. За таа цел, од исклучителна важност се глобалните и националните активности, заедно со добро координирана национална и регионална соработка на сите агенции за спроведување на законот, во зајакнување на контролата за производство и трговија со оружје, градење на стандарди за развој на ефективни системи за следење, размена на информации и транспарентност, споделување на најдобри пракси, како и подигање на јавната свест преку спроведување на програми за промовирање и поддршка за намалување и контрола на оружјето во јавното образование, потенцираше Спасовски./МИА/




