Откако Русија ја нападна Украина во февруари годинава, Европската Унија ги блокираше РТ и Спутник, два од водечките канали на Кремљ за ширење пропаганда и дезинформации поврзани со војната. Речиси шест месеци подоцна, бројот на сајтови кои ја промовираат истата содржина порасна, бидејќи Русија најде начини да ја избегне забраната. Тие ја ребрендираа својата работа за да ја маскираат и им префрлија некои пропагандни должности на дипломатите. Освен тоа, тие копираа и објавија голем дел од содржините на нови веб-страници, оние кои досега немале очигледни врски со Русија, пренесува „Вашингтон пост“.
NewsGuard, фирма чие седиште е во Њујорк и која ги проучува и следи дезинформациите на Интернет, идентификуваше 250 веб-страници кои активно шират руски дезинформации за војната, а десетици нови беа додадени во последните месеци.
Објавите на овие сајтови вклучуваат дезинформации дека армијата на Украина организирала некои смртоносни руски напади за да добие глобална поддршка и дека украинскиот претседател Володимир Зеленски лажира јавни настапи, или дека украинските бегалци вршат злосторства во Германија и Полска.
Некои од сајтовите се претставуваат како независни тинк-тенкови или новински куќи. Околу половина се на англиски јазик, додека другите се на француски, германски или италијански јазик. Многу од нив биле формирани уште пред војната и очигледно не биле поврзани со руската влада.
Ко-извршниот директор на NewsGuard, Гордон Кровиц изјави дека можеби формираат „Sleeper“ сајтови, кои всушност се веб-сајтови создадени за кампања за дезинформации, но кои главно се во мирување. Полека и постепено, овие сајтови, најпрво градејќи публика преку безопасни или неповрзани објави, потоа преминуваат на пропаганда или дезинформации.
Извор: МЕТА