Документот кој го објави опозицијата е од доверлив карактер и не може никој неовластено да го користи освен надлежните служби во институцијата, вели военополитичкиот аналитичар Благоја Марковски за документот со кој ВМРО-ДПМНЕ тврди дека премиерот Димитар Ковачевски дезертирал од Армијата за да ја избегне законската обврска во 2001 година, пренесува Слободен Печат.
„За да може да се користи документ со одреден степен на тајност мора да се побара одобрение од институцијата и ако институцијата го декласифицира степенот на тајност и даде дозвола дури тогаш лицето кое дошло до документот може да го пласира во јавноста. Во спротивно, се прави кривично дело без оглед на времето кога е издаден документот, во време кога Македонија не е членка на НАТО или сега кога е членка на Алијансата, каде имаме состојба на многу построги критериуми за декласификација на било каков документ“, вели Марковски.
Тој додава дека кривично одговара и тој што го дал документот и тој што го презентирал, бидејќи немал дозвола за тоа.
Министерството за одбрана информира дека ќе покрене постапка за објавениот документ. Од Министерството велат дека документот е со класифицирана содржина и ќе бараат одговорност за несовесно ракување и неовластено објавување.