Документот кој е објавен од политичка партија е документ кој во документацијата на Министерството и Армијата првично е заведен како документ со печат „воена тајна“, а подоцна по носењето на Законот за класифицирани информации, добива класификација „строго доверливо“, регираат од Министерството за Одбрана.
„Документот кој е објавен на социјалните медиуми и презентиран од политичка партија, по првичната проверка претставува документ кој во документација на Министерството за одбрана и Армијата првично е заведен како документ со печат „воена тајна“, а подоцна по носењето на Законот за класифицирани информации, добива класификација „строго доверливо“. Министерството за одбрана, согласно своите надлежности, постапувајќи по Закон и штитејќи ги интересите на државата и на граѓаните, отвора постапка за утврдување на одговорност за несовесно ракување и неовластено објавување на документи со класифицирана содржина. Министерството за одбрана ги повикува политичките партии и поединци, во своите настапи и обиди да придобијат политички поени, да стојат понастрана од припадниците на Министерството за одбрана и Армијата, да не ги поттикнуваат на извршување на кривични дела, со кои го нарушуваат сопствениот, но и угледот на Министерството и Армијата“, истакнува во соопштението Министерството за одбрана.
Оваа реакција од МО е откако партијата ВМРО-ДПМНЕ објави документ со кој, како што тврдат, премиерот Димитар Ковачевски не заминал во војска и зошто во 2001 година избегнал да служи воен рок.
Премиерот Ковачевски во врска со ова, истакна дека само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик.
ВМРО-ДПМНЕ не бира ниту средства ниту начин за да го сврти вниманието на јавноста од големите корупциски скандали и превирања во нивната партија. Тоа само потврдува дека сè она што го гледаме во јавноста изминатата недела е вистина и ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во огромна криза, пишува премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски во реакцијата по објавувањето на документ од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачевски додава дека како претседател на СДСМ никогаш нема да дозволи политичката дебата да паднe толку ниско како што посакува ВМРО-ДПМНЕ и оти културно ќе одговори на лагите и навредите.
„Никогаш ниту сум избегнувал, ниту бегал од одговорноста за служење на воениот рок. Само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик и последователна хируршка интервенција од пред 20 години за да го прикријат својот срам и криминал. Но, не сум изненаден. Не сум изненаден и за сите други лаги, клевети, лажни вести и манипулации од ВМРО-ДПМНЕ. Тие не се менуваат, а скандалите во Град Скопје само потврдуваат дека не само што партијата не е реформирана, туку дополнително криминализирана. Граѓаните тоа го гледаат и самите ќе судат“, наведува претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски.