„Само во основното и средното образование, како што ветивме и го остваривме зголемувањето од 15 проценти. Ако се земат предвид претходните покачувања во 2018 година од 5 проценти, во 2019 година од 5 проценти и 2020 година од 10 проценти и ова последното зголемување – се работи за зголемување на платите во образованието за 36 проценти. Само за споредба, ова зголемување на платите е најголемо, доколку се спореди со платите од периодот до 2016 година, кога без услови на криза, платите на образованието беа зголемени само за 4 проценти“, посочи премиерот Ковачевски на седницата за пратенички прашања во Парламентот.
Тој соопшти дека околу 35.000 вработени во образованието, од кои 25.000 наставници и друг персонал добија зголемени плати и дополнително согласно со методологиите тоа ќе го има и во идните години. Исто така, покрај во образованието, платите се зголемени и кај негувателите.
Претседателот на Владата, Ковачевски рече дека оваа Влада е одговорна и продолжува во континуитет да ги зголемува платите, пензиите и социјалната помош.
Тој посочи дека се зголемени платите и во индустријата и денес и во тирзовите се исплатува повеќе од минимална и просечна плата, наместо практиките од минатите години, кога работниците таму се промовираа како нископлатена работна сила.
„И во услови на незапаметена економска и енергетска криза во мандатот на оваа Влада минималната плата е зголемена 100 проценти, односно 18.000 денари. Јас кога дојдов на позицијата премиер, првата работа којашто ја направив беше зголемување на минималната плата на 18.000 денари. Ако пред 6 години беа потребни 4,25 проценти минимални плати за да се покрие една потрошувачка кошничка, сега се потребни две минимални плати за да се покрие една потрошувачка кошничка“, рече премиерот Ковачевски.