Од утрово не возат дел од приватните автобуси во Скопје бидејќи Градот им должи пари. Автобусите со броевите 19, 20, 52, 54 и 22 од утрово не превезуваат патници. Жителите кои ги користат услугите на приватните превозници од Шуто Оризари, Ржаничино, Волково и Колонија Идризово останаа без превоз.
ЈСП Скопје и Град Скопје за три месеци им немаат исплатено пари на приватните превозници како што предвидува договорот по едно евро за секој изминат километар и сега долгот кон „Макексперс“ е околу пола милион евра.
– Во моментот ЈСП „Скопје“ ни должи 30 милиони денари. Ние немаме средства за да ставиме гориво во возилата и поради тоа нашите автобуси од утрово не превезуваат патници – истакна Милорад Димитриевски од „Макекспрес“ кој потенцираше и дека и покрај најавите од нивна страна дека од утрово нема да возат нивните автобуси сепак до сега немало никаква реакција од Град Скопје за надминување на овој проблем кој трае подолг временски период.
ЈСП „Скопје“ од утринава вклучува свои возила на линиите кои ги опслужува „Макекспрес“
ЈСП „Скопје“ денеска вклучува дополнителен број на автобуси за на тој начин да ги „покрие“ линиите на кои приватните автобуски превозници од „Макекспрес“ не возат, поради долгот кој го има Јавното сообраќајно претпријатие кон нив.