Министерството за транспорт и врски денеска упати реакција за информациите изнесени во јавноста од страна на здружението „Зелен хуман Град“ во однос на постапките за измените на Правилникот за урбанистичко планирање, оценувајќи ги како манипулативни и неточни.
Реакцијата на Министерството за транспорт и врски доаѓа по објавата на здружението „Зелен Хуман Град“ во која се наведува дека Министерството за транспорт и врски ја злоупотребува енергетската криза за да им излезе во пресрет на градежната мафија и крупниот капитал.
„Министерството за транспорт и врски најостро реагира на манипулативните и неточни информации изнесени во јавноста во однос на постапките за измените на Правилникот за Урбанистичко планирање.„ реагираат од министерството.
Водејќи се од транспарентноста во постапките, Министерството за транспорт и врски има воспоставено редовна пракса на вклучување на стручната јавност и граѓанскиот сектор и сите други заинтересирани страни во процесите на подготовка на законските и подзаконските акти.
Нејасна е реакцијата од граѓанското здружение Зелен Хуман Град во однос на вклученоста во измените на Правилникот за урбанистичко планирање од причина што на стручната расправа одржава во просториите на Министерството на ден 26 октомври 2022 година, присуство земаа и претставници од засегнати институции, невладини организации, вклучувајќи и претставници од граѓанското здружение Зелен Хуман Град.
На истата стручна расправа се разговараше по однос на измените во Правилникот и е отворена дискусија на која се дадени одредени сугестии и истите се усогласени со сите присутни на стручната расправа, каде позитивно мислење и усогласеност дадоа и претставниците од Зелен Хуман Град, за што постои и електронска комуникација со Министерството и претставниците од ова граѓанско здружение.
Од тие причини, несфатлива е реакцијата на граѓанското здружение Зелен Хуман Град за забелешките кои претходно и тие ги прифатиле и за кои дале согласност.
Од тука прашуваме дали во услови на оваа енергетска криза, кога граѓаните, компаниите и граѓанскиот сектор бараат поедноставување на постапките за поставување на фотоволтаични електроцентрали, граѓанското здружение Зелен Хуман Град е против, дали се против искористување на сончевата енергија како најевтин енергетски ресурс и дали се против поедноставување на постапките, нешто што го бараат сите граѓани и правни лица? Дали Зелен Хуман Град се заинтересирани граѓаните да користат фотоволтаици како еколошки најисправен начин на производство на енергија или да останат на користење на фосилни горива кои несомнено ја загадуваат животната средина и воздухот?
Уште еднаш потенцираме, Правилникот за урбанистичко планирање кој се уште е во фаза на подготовка, се носи во исклучително транспарентна постапка.
Упатуваме на сериозност до организацијата Зелен Хуман Град, кога во овие услови на енергетска криза, Владата на Република Северна Македонија и Министерството за транспорт и врски се силно посветени на поедноставување на сите постапки се со цел да го намалиме влијанието на енергетската криза и заштита на животниот стандард на граѓаните, а притоа да не влијаеме врз загадување на животната средина.“ стои во реакцијата на Министерството.