Поедноставените постапки за поставување на фотоволтаични електроцентрали за на кров ги даваат првичните резултати. Се зголемува интересот кај граѓаните кои започнуваат постапки за поставување на фотоволтаични централи на своите кровови, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кој денеска оствари работа посета на општина Берово.
Министерот Бочварски заедно со градоначалникот Звонко Пекевски остварија средба со граѓани од Берово на кои ги презентираа поедноставените постапки за поставување на фотонапонски централи, согласно измените на Законот за градење и тоа до 6 киловати за физички лица и 40 киловати за правни лица.
Министерот пред присутните потенцираше дека постапката за поставување на овој тип на фотоцентрали на кров се намалува од претходните 30 дена, сега само на 1 ден со тоа што заинтересираните правни или физички лица сега можат да поставуваат без одобрение за градење само со известување.
“Ова е време кога треба сите да размислуваме за поевтина енерегија за да можеме да заштедиме на нашите домашни буџети. Овие поедноставени процедури сега овозможуваат граѓаните и правните лица да можат без одобрение да постават кровни фотоцентрали. Ова е поедноставена постапка која содржи само неколку чекори а тоа е: Подготвување на основен проект со две фази и тоа со архитектура и електрика и само известување до општината преку која граѓанинот ја информира општината дека пристапува кон поставување на енергетски објект на својот кров. Подтогтвени сме на овој начин да му помогнеме на електро-енергетскиот систем на државата но и да си помогнеме самите себе и да придонесеме за плаќање на помали сметки за електрична енергија” изјави министерот Благој Бочварски.
Градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски потенцираше дека во Берово интересот за поставување на фотоелектрично централи е огромен. Тој истакна дека во следниот период ќе им се излезе во пресрет на сите граѓани кои се заинтересирани за овие инвестиции.