Американскиот претседател Џозеф Бајден и јапонскиот премиер Фумио Кишида денеска во Белата куќа разговараат, меѓу другото и за американско-јапонскиот сојуз и „воспоставувањето слободен и отворен Индо-пацифик“, што е синтагма што ја користат двете страни за да ги опишат напорите за да се спротивстават на Кина.
Бајден на пречекот му рекол на Кишида дека САД силно го поддржуваат зајакнувањето на одбраната на Јапонија и му се заблагодарил за блиската соработка на полето на технологијата и економијата, јавија светските агенции. На овој начин Вашингтон ги поздравува историските планови на Токио за воени реформи, првенствено во контекст на заедничката загриженост за Кина.
Пред средбата со Бајден, Кишида се сретна со американскиот потпретседател Камала Харис. Таа најави и дека во текот на денот двете страни ќе потпишат договор за соработка во вселенските програми.
Јапонскиот премиер е на последната станица од турнејата низ земјите на Г7, а неговото пристигнување во Вашингтон следи по последната посета на Бајден на Токио во мај и нивната средба на регионалниот самит во Камбоџа во ноември.
Извор: МИА