Американската војска го собори балонот кој леташе над САД над Атлантскиот Океан, за што тврдеше дека е кинески шпионски балон, потврди американски официјален претставник, пренесува Си-Ен-Ен. Соборувањето на балоните било одобрено од американскиот претседател Џо Бајден, додаде истиот функционер за Си-Ен-Ен.
Американската морнарица и крајбрежната стража се ставени во состојба на готовност. Во тек е операција за извлекување на балонот од морето во близина на брегот на Каролина, каде што американската војска наводно го соборила. Конкретниот метод на соборување не е познат, но наредбата е издадена од Бајден, а истата била претставена и поддржана од военото раководство, истакна функционерот.
Клучот беше да се префрли балонот преку океанот, додаде истиот американски функционер кој вечерва откри се за Си-Ен-Ен.
Американците затворија три аеродроми, а воздушниот простор долж брегот на Јужна Каролина беше затворен бидејќи воените авиони го гаѓаа балонот над Атлантскиот Океан. На социјалните мрежи веќе е објавено видео од воени авиони како го гаѓаат балон кој потоа паѓа во океанот.
?#BREAKING: The US military has officially shot down the Chinese balloon
?#MyrtleBeach | #SC
Just seconds ago the US military has officially shot down the Chinese surveillance balloon after it traveled thousands of miles across open seas and the United States for 4 long days pic.twitter.com/sThESrLqvW
— R A W S A L E R T S (@rawsalerts) February 4, 2023
Бајден претходно изјави дека САД ќе се погрижат за балонот што леташе над дел од земјата, за кој постои сомнеж дека е испратен од Кина поради шпионажа. Вашингтон тоа го нарече јасно кршење на американскиот суверенитет.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја откажа посетата на Пекинг планирана за утре. Тоа ќе беше прва посета на Кина на американски државен секретар од 2018 година. Одложувањето на патувањето на Блинкен, договорено во ноември од страна на Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг, е удар за оние кои видоа во таа посета можност за стабилизирање на влошените односи меѓу двете земји.
Кина се надева на стабилни односи со САД за да може да се фокусира на својата економија, која е загрозена од сега напуштената политика на нулта толеранција кон ковидот и запоставена од странските инвеститори, исплашени од враќањето на државниот интервенционизам на пазарот.
Балонот беше откриен над Монтана во средата, каде што во воена база на северот се чуваат 150 интерконтинентални балистички ракети вооружени со нуклеарни боеви глави, според извештајот.
Кина денеска ги отфрли обвинувањата за шпионажа, велејќи дека станува збор за истражувачки балон кој ја згрешил рутата поради „виша сила“ и ги обвини американските политичари и медиумите дека ја искористуваат ситуацијата за да ја оцрнат Кина. Пентагон вчера соопшти дека втор кинески балон е забележан во Латинска Америка, но не ја прецизираше точната локација.