Министерот за економија, Крешник Бектеши утрово, во врска со најавената мерка за замрзнување на цената на лебот која, според најавите, треба да се донесе денеска, рече дека „одлуките најверојатно ќе бидат во насока на заштита на граѓаните“.
Бектеши кој учествува на презентација на студијата „Ефектите од кризата со храна и енергија врз децата и семејствата во Северна Македонија“, најави заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.
-Ќе имаме дополнителна прес-конференција со премиерот Ковачевски. Знам дека се тема последните одлуки. Одлуките најверојатно ќе бидат во насока на заштита на граѓаните, истакна Бектеши.
Вчера мелничарите се заканија дека ако Владата донесе одлука за замрзнување на цената на лебот, како што најави министерот Бектеши во саботата, ќе го прекинат производството.