Новак Ѓоковиќ денеска ќе игра со Хуберт Хуркач во четвртфиналето на турнирот од серијата 500 во Дубаи. Програмата започнува напладне по средноевропско време – прво се среќаваат Зверев и Сонего, потоа Рублев и Ван де Зандшулп, а потоа Ѓоковиќ и Хуркач, не пред 16:00 часот.
„Ќе биде интересен натпревар, секогаш е интересно да се игра со Новак. Ќе биде голем предизвик“, изјави Хуркач за Спорт Клуб.
Досега играа четири пати и секој пат славеше Новак, последен пат во Мадрид минатата година.
„Секој пат ме победуваше, имаше и понеизвесни… Мислам дека секој следен пат станувам подобар и посилен, ќе видиме… Го имавме тој меч на Вимблдон, Новак е одличен на трева“, вели тој.
По не многу добриот старт на сезоната, 26-годишниот Полјак минатата недела го освои турнирот во Марсеј, а во Дубаи досега ги победи Шевченко и Котов.
„Мислам дека сум полн со самодоверба. Предизвик е да се дојде од салата овде, особено првиот натпревар бидејќи нема време за прилагодување, тоа го правиш на терен“, заклучува Хуркач за Спорт Клуб.
По Ѓоковиќ и Хуркач, во последното четвртфинале ќе се сретнат Данил Медведев и Борна Чориќ.