Северна Македонија заслужува да има развиена и одржлива туристичка понуда што нуди авантура, храна, вина, природа и историско наследство, а сето тоа е во согласност со начелата на Европската Унија, рече денеска Џулијан Васало, заменик шеф на делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија.
Васало, кој присуствуваше на претставувањето на успешните проекти, поддржани во рамки на проектот за локална и регионална конкурентност во винаријата „Лазар”, изрази задоволство од посетите во Тиквешкиот регион и, како што истакна, прекрасната околина позната по виното.
– ЕУ помага во развојот на квалитетни винскиот производи и во одржливоста на туристичкиот сектор, рече тој, нагласувајќи дека со овие проекти се подобруваат туристичкиот потенцијал и понудата на државата.
Според Васало, овој регион ги исполнува сите услови да стане одлична туристичка дестинација, имајќи ги предвид квалитетното вино, историското наследство и природната убавина.
Васало се осврна и на целите на проектот, развој на туристичката понуда и креирање работни места.
– ЕУ даде 18 милиони евра за 57 проекти во десет туристички дестинации во државата. Активностите се спроведоа во партнерство со Владата и Светска банка, рече Васало.
Корисници на проектот беа општини, микро, мали и средни претпријатија. Тие имаа можност да ја подобрат својата работа преку соработка на локално, регионално и централно ниво.