Природните катастрофи најчесто не зависат од нас, ретко кога можеме, особено ние помалите држави, да влијаеме на нивниот тек. Но, сите заедно имаме одговорност да градиме систем на мерки кој нашите држави и локални заедници ќе ги направи поотпорни во однос на последиците, истакна министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на денешната регионална конференција организирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) „Подготвеност за земјотреси и урбана отпорност“.
Министерот Пенов подвлече дека со оглед на тоа дека не можеме да влијаеме на причината, сигурно може да влијаеме на минимизирање на последиците, но, како што рече само преку изграден систем на мерки кои безусловно ќе ги почитуваат сите.
– Секоја отстапка може да биде платена со човечки живот, а човечкиот живот нема цена, додаде министерот за локална самоуправа.
Тој потсети дека пред 60 години, кога на 14 октомври 1963 година Генералното собрание на ОН едногласно усвои Резолуција за давање помош за реконструкција на тогаш, скоро целосно разурнатото Скопје.
– По Резолуцијата на Обединатите Нации, 85 нации од светот учествуваа во директната помош за обнова на Скопје. Со право Скопје го носи епитетот „град на светската солидарност”. Скопје не заборава. Затоа ги имаме улиците Хелсиншка, Каирска, Осло, основното училиште Јохан Хајнрих Песталоци и други, простете ако не се сетив на сите, рече Пенов.