Медицинскиот факултет при Универзитетот во Сараево го раскина договорот со професорката Себија Изетбеговиќ, сопруга на влијателниот бошњачки политичар, лидер на Партијата за демократска акција, Бакир Изетбеговиќ, откако претходно и беа одземени академските звања магистер и доктор на медицински науки.
„Себија Изетбеговиќ повеќе не предава на Медицинскиот факултет. Тој договор за вработување е неодржлив по сите одлуки што ги донесовме во Сенатот и на универзитетот“, изјави за телевизијата N1 Рифат Шкријељ, ректор на Универзитетот во Мостар.
Според него, Себија Изетбеговиќ имала договор на Медицинскиот факултет кој никогаш не бил доставен до Универзитетот во Сараево, а таа повеќе не може да предава на факултетот, бидејќи Сенатот и ги одзел академските звања магистер и доктор на науки.
„Не може да има некој на професорска позиција на кого му е одземена професурата, а претходно и академските звања“, додаде ректорот.
Себија Изетбеговиќ имала постојан договор со Медицинскиот факултет на Универзитетот во Сараево од 2014 година, а во исто време била и директорка на Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево.
Сосема е извесно дека таа наскоро ќе биде сменета од таа функција, а одлуката за тоа треба да ја донесе Владата на Федерацијата БиХ, која е составена од коалиција предводена од СДП на БиХ и партиите собрани околу Хрватскиот народен сабор (ХНС) на БиХ.
Себија Изетбеговиќ правдата ја бараше на суд, а укинувањето на академските титули го нарече политички прогон.