Англискиот прволигаш Њукасл со ремито без голови против Лестер во 37. коло во Премиер лигата и математички обезбеди место меѓу Топ 4 и пласман во Лигата на шампиони во која се враќа по две децении.
Четирикратниот англиски првак последен пат играше во елитното европско клупско натпреварување во сезоната 2002/03 под водство на легендарниот англиски тренер Боби Робсон.
Њукасл лани се бореше за опстанок во Премиер лигата, а работите се сменија откако клубот мина во сопственост на луѓе од Саудиска Арабија, а на тренерското место беше назначен Еди Хау.
„Ова е неверојатна ноќ за нашите навивачи. Неверојатно е ова што го постигавме“, изјави Хау по вчерашното реми 0-0 против Лестер.
„Ме прашувате што очекувавме на почетокот на сезоната? Тоа сигурно не беше да се најдеме во топ 4. Секако, секогаш се надеваш, веруваш и мораш да сонуваш, но искрено не чувствувавме дека сме подготвени за тоа. По минатогодишната битка за опстанок, прашањето беше дали можеме да се консолидираме и да бидеме подобар тим“, додаде Хау.