„Јамболија што лае“ е издание на „Македоника литера“ и првпат е објавена во 2015 година, илустрирана со цртежи на Миле Топуз.
Се работи за роман во кој животните зборуваат, а главни ликови се домашни миленици – куче и маче, но и еден пензиониран зообиолог, неговата сопруга, која е учителка, како и нивното внуче. Еден од главните ликови, според кои е насловен романот, е едно рунтаво куче кое наликува на парче јамболија.
Босанските медиуми за Киро Донев и за книгата „Јамболија што лае“ пишуваат:
„Киро Донев е плоден писател за деца и жив класик на македонската литература. Познат е и надвор од границите на Македонија бидејќи неговите книги се преведувани на повеќе јазици. Критичарите го познаваат како извонреден хумористичен автор, чиј хумор не е резултат на некакви конструкции и намерно избрани „смешни“ случки, туку – хумор кој се раѓа како неминовност и кој извира природно и ненаметливо. Пред нас е роман-приказна, лирско-хумористична „плетенка“ на необични настани, случки и доживувања, чии „актери“ се херои од детскиот свет. Од најмалите, покрај кои секојдневно поминуваме без да ги забележиме, па се до домашните миленици.“
Преводот на „Јамболија што лае“ на босански јазик е од Жарко Милениќ и ова е негова 10. книга којашто ја преведува од македонски на босански јазик.
„Јамболија што лае“ претходно беше преведена и на бугарски и украински јазик.
Ацо Лукароски